Апсолутно не е точна информацијата дека Лазар Еленовски ќе биде премиер, рече вицепремиерот и портпарол на ДУИ Бујар Османи во гостувањето во вестите на „Сител“.
Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да наштетат на ДУИ, да наштетат на процесот. Во моментот кога ќе има нешто конкретно граѓаните ќе бидат информирани. Мислам дека постои едно оптимално решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и во интерес на државата, изјави Османи.
Додаде дека деновиве има толку многу непроверени информации од сите страни што не можат да постигнат да одговорат на сите.
Бараме јавноста да почека сите информации да ги добие од партиите кои се учеснички во формирањето на мнозинството, а тие информации ќе бидат навремени и службени. ДУИ прави сериозни напори овие денови што е можно побрзо да се формираат институциите. Граѓаните имаат што побрзо потреба да се формираат владата и институциите за да се справат со сите предизвици. Оптимист сум дека брзо ќе дојдеме до решение, рече Османи.
Првично, вели тој, разговаравме со нашите сегашни партнери со кои бевме три години во коалиција, но не ја исклучуваме ниту опцијата на разговори со сите политички партии.
Сметаме дека е здраво да се разговара со сите со цел да се разгледаат ставовите на сите политички партии за да се дојде до едно одржливо решение со цел побрзо формирање на институциите. Претседателот Ахмети го води овој процес и не ги исклучува сите политички партии во разговорите, рече Османи.
За ТВ 21, пак, Османи информира за средбата меѓу лидерот на партијата Али Ахмети и лидерот на СДСМ Зоран Заев, која ја оцени како конструктивна. Тој не сакаше да изнесува детали од средбата, бидејќи, како што рече, не е коректно да ги објават сите позиции.
Денеска најмногу се разговараше за враќање на изгубената доверба во текот на изборната кампања со цел да се создадат предуслови за поставување на маса на нашите позиции. Потребно е уште малку трпение при средбите следниве денови, истакна Османи.