Дарко ЈАНЕВСКИ

Значи, децата треба да одат на настава со физичко присуство во училишта:

-затоа што така вели министерот за здравство кој има најмногу мртви во регионот, во централна и источна Европа;

– затоа што така вели министерот за здравство според кого имало многу мртви зашто луѓето доцна доаѓале на лекар. Зошто? Си ја сакаат умрачката, што да им правиш! А другите што умреле, а кои дошле на време и онака биле болни или дебели!

-затоа што така вели министер за здравство кој тврди дека бројките покажуваат дека имаме многу мртви зашто сме правеле тестови пост мортем. Другите не правеле. Освен, на пример, најмалку половина држави во САД. А, целта е да се утврди дали лицето било носител на вирусот, меѓудругото и за да може евентуално да се најдат неговите контакти и да се предупредат и следат луѓето кои биле во контакт со починатиот;

-друго е прашањето како тоа можете да имате многу позитивни кои ви умреле, а не сте знаеле дека се позитивни додека се живи? Каков ви е тој систем? Или никој од нив немал никакви симптоми, и одеднаш ви умрел без ниту еден симптом, а вие сте го тестирале? Не е баш така, нели? Посебно што ова сепак е Македонија со два милиони жители. Не е Италија со 60 милиони или САД со 330 милиони, со пет или 10 000 случаи дневно, па да ви се јави хаварија. Уште повеќе што од тие два милиони, еве прашајте ги бабулињата на Заев кои сега се ВМРО-вски бардови, 500 000 се фантоми, а 500 000 според бардот во невладините, Владе Милчин, еден од омилените вмровски ликови во последно време, се отселени. Дали тогаш тоа значи дека не може да се воспостави контрола на вирус меѓу популација од еден милион луѓе, па тој се открива пост мортем? И доста веќе со тоа подметнувње – ајде издвојте ги тие пост мортем позитивни и дајте да ја видиме бројката без нив. Ама така не ви одговара, нели? Ќе снема еден од изговорите!

– децата треба да одат на училиште и зашто така вели министер за образование кој не беше способен самиот да се заштити и беше позитивен, па сега сака да веруваме дека ќе биде способен да органзира настава во која ќе ни бидат заштитени децата;

-зашто така вели министер за образование, кој, ако не се лажеме, од инспекторот Илиевски беше обвинет дека имал пробеми со начинот на стекнување научно звање на Тетовскиот универзитет, но случајот заврши така како што и може да заврши во една параспур држава како Македонија?

– затоа што така велат директори на училишта, кои, види богати, биле анкетирани он-лајн, па одговорот можел однапред да се предвиди;

-затоа што така велат наставници кои се бунеа против екстерното и ги тераа децата да одат на улица, ама сега, сакаат децата да им бидат во училница оти при он лајн не се учело доволно добро. Ќе останеле децата неписмени. Истите деца за кои велевте дека и еден обичен тест им е премногу!

– зашто така вели Комисијата за заразни болести која всушност и не знаеме што вели;

– и затоа што така ќе каже Кризниот штаб кој се уште го води Оливер Спасовски, а кому шеф му е нобеловецот Зоран Заев, по што параф ќе даде и Владата чиј шеф е Спасовски, кому шеф му е – веќе рековме – нобеловецот Заев;

Ај, бидете си искрени пред себе, здравјето на вашето дете кога е Ковид 19 во прашање го доверувате на сите овие лица? Со среќа нека ви е!

И при сето ова, некој сака погоре споменатите личности да бидат сфатени сериозно? Рака на срце, немам ништо против секој директор, наставник и родител кој се изјаснил „ЗА“ физичко присуство – нека си го носи своето дете и на училиште или каде сака, иако и тоа, во одредени ситуации потпаѓа под кривично гонење. Истото тоа се однесува и на целата т.н. новинарска булумента која ја кренаа на нозе, за онака одоколу, да го поддржи ова невидено хазардерство со здравјето на децата. Ама носете ги вашите деца, не си играјте со туѓите! Во училишта во кои, колку што знам барем за последните 20 години, а пред тоа секако не било подобро, родителите сами купуваат сапуни, влажни марамчиња и сл.

Патем, што велат вашите протоколи, како ќе ги заштитите постарите од евентуелен пренос на заразата од децата кон нив, во држава во која барем половина од семејствата се заедници со по неколку генерации кои живеат во една куќа? Не се сите нафатирани партиски глувци или странски платеници кои имаат по неколку стана. Иако, и родителите сега ги добиваат децата на се поголема возраст, па и тие не можат по автоматизам да се сместат во групата на лица кои лесно би го поминале вирусот.

Кога сме кај становите и куќите, што велат студиите кои ги пласира СЗО (тоа е онаа организација која прво тврдеше дека не треба да се носат маски и која на 14 јануари велеше дека нема докази дека вирусот се пренесува од човек на човек), какви се долгорочните последици врз децата ако заболат од Ковид 19? Што велат другите студии? Или, не велат ништо зашто нема такви студии и зашто никој појма нема какви се тие долгорочни последици.

Инаку, еве само неколку примери:

-во Рошток-Германија само неколку дена по отворање на основните училишта, 100 деца се ставени во карантин;

-во Западна Померанија, 800 гимназијалци се испратени дома, а 55 професори ќе бидат тестирани зашто еден од нив бил позитивен, за среќа пред да почне да држи часови;

-во летен камп во САД, за три дена заразени се 260 деца од 370 и нешто тестирани. Сите дошле во кампот со негативен тест. Вирусот се раширили со блескава брзина. Така што, сите тие директори и директорки кои се изјасниле на т.н. анкета позитивно, нека повелат да поминат низ секоја училница и да останат по еден час со децата, откако ќе почне наставата. Најдобро таму некаде во ноември, кога ќе почне кашлањето, течењето нос и температурата кај секое второ дете. Нека не се кријат во своите канцеларии;

-во Србија минатата недела четири деца меѓу 5 и 15 години биле на респиратор,

-во Израел по отворањето на училиштата, 2 036 деца и наставници се заразиле, а 28 000 биле ставени во карантин, додека на ниво на државата, просекот на позитивни од 50 дневно се зголемил на 1 500 дневно. Тоа е во јуни. Инаку, Израел има 63 мртви на еден милион жители. Ние 260.

-Данска има некаков систем на држење настава во групи од 12 деца, а групите не се менуваат. Секоја група во посебна просторија, без контакт со другите групи. Јадење по посебен протокол. Целта е да се има мала група, па ако некое дете и донесе вирус (или наставник) мал да биде бројот на деца кои би се заразиле и би заминале во изолација и лесно да се дојде до изворот. Можеме ние да направиме нешто слично? Ни во сон! Иако, прашање е дали и во таква ситуција можеме да си дозволиме да ризкуваме! Мислам не!

Зашто Данска е земја која има тестирано 1,6 милиони лица од 5,7 милиони жители или негде близу 30 отсто од населението. Тоа би било адекватно на некаде околу 600 000 тестови во Македонија (имаме околу 100 000 тестирања). Данска има 617 починати, ние 524, или тие имаат 106 почииати на еден милион жители, а ние 260.

Главно е дека Данска има помалку од еден отсто позитивни од бројот на тестирани, а ние има е 10,5 отсто. Значи да повторам, Данска има 1,6 милиони тестрани и 14 000 позитивни – помалку од еден отсто. За да постигнеме такво нешто, ние треба да направиме уште 900 000 тестови и ниту еден од тестираните да не биде позитивен!

Инаку, Данска исто така прави пост мортем тестови доколку починатиот имал симптоми на Ковид 19, па паѓа во вода онаа теза за која дрдореа и тие од СЗО и Филипче дека другите не прават такви тестови и, згора на тоа, во Данска во бројката на починати влегуваат и тие кои починале во период од 30 дена откако им бил направен тест и биле позитивни. Значи, ако некој е денеска позитивен, а почине 29-тиот ден од денеска, ќе биде запишан дека е жртва од Ковид 19! (кој сака да провери за ова, нека повели на линкот https://ltccovid.org/wp-content/uploads/2020/05/The-COVID-19-Long-Term-Care-situation-in-Denmark-29-May-2020.pdf)

Инаку, Данска вчера немаше ниту еден починат и имаше 136 позитивни, додека ние имавме 155 позитивни и двајца починати Ние денеска имаме четворица починати и 200 позитивни, со катастрофа на Геријатрија во Скопје, за Данска се уште нема податоци. Завчера, кога ние имавме 6 починати, Данците имаа само една жртва и седум лица повеќе позитивни од нас. Да повториме уште еднаш: зборуваме за земја која има помали бројки од нас, а има речиси три пати повеќе жители. За да бидеме на нејзино ниво, треба на досегашните 100 000 тестови да имаме вкупно 1 000 позитивни, а не 11 000.

Сосема друго ќе беше ако вирусот и кај нас беше ставен под контрола. Ако имавме по 2-3 отсто позитивни од 2 000 тестови дневно. Ако имавме по еден починат во текот на цела седмица. Ако бевме Словачка, Словенија. Или барем Грција. Ама контролата врз вирусот е само во пропагандата, иако нема дилема дека Филипче индиректно најави победа во наредните 20-тина денови зборувајќи за намалената преносливост на вирусот, нешто слично на ситуацијата од 26 јуни, сценарио кое потоа се изјалови.

Така што може да се очекува наскоро да воскликнат сите, од малите Ѕинговчиња и Стојменчиња, до оние старите комуњарски новинарски куќи, ќе се јави Арнаудова со плескањето, ќе запеат оние пак за „Чао мозок“ (или „Чао корона“ беше песната?), ќе се јави пак и Бојко да ни каже дека ја слушал песната… и ќе не убедуваат дека среќни и весели ќе можеме слободно да ги пуштиме децата на училиште. Ама тоа нема да смени ништо. Зашто сто пати сум напишал, еве ако треба и сто и први пат: работата е утната уште на крајот на февруари и на почетокот на март. Другото е само дополнтелен снег на една иста снежна топка. Исто како што овој случај со 17-те заразени на Геријатрија, е само последица на тоа што случајот со заразата и смртта на пациентот од Тетово во Заводот за рехабилитација, не беше решен по пропис и на сите ѕвона!

Така, што, работава не ја бива. И тоа така и ќе остане, освен ако Господ не реши да не спасува. Од нас луѓето, овде во МК – толку. Посебно што се појави и нов вирус – глумење „лудило“, а за тоа лекот не е медицински.

П.С. ВМРО, како е? Врне надвор? Не е убаво да се застане зад борбата на луѓето за нивните деца, нели? Поседете си малку! Немој да ви се налути некој шарен оти користите политика за да се спасат децата од можна здравствена хаварија. Оти Филипче, Адеми, Спасовски, Заев… не се политичари, така? А, богами, не чув ни некоја друга партија. А ги имаше како плевел до пред некој ден: море левици, интегри, море единствени и неединствени македонии…