Алијансата за Албанците би прифатила да влезе во новата Влада заедно со ДУИ, но само доколку мандатар биде Насер Зибери, вели Арбен Таравари за Телма.

„Формирањето на Влада е игра на бројки, нормално, ние сме кажале, ако мандатар е Насер Зибери, ние ќе го поддржиме. Ако не, сите други комбинации кадешто би се нашле со некого со одредени програмски точки и принципи на добро владеење, тука сме да помогнеме и доколку можеме да направиме 61 пратеник без ДУИ“, рече Таравари.

Коалицијата Алијанса/Алтернатива освоји 12 пратенички места на парламентарните избори.

Првиот човек на Алтернатива е оптимист дека ќе се формира нова влада и пред истекот на 20-те дена по доделувањето на мандатот, како и дека нивната коалиција со Алијансата за Албанците ќе биде дел од неа.

„Ние сме тука и чекаме ако имаме понуда да бидеме дел од владата. Нормално ние би влегле и би преговарале ако ДУИ не успеат со премиерот, тогаш ние би ги почнале преговорите за нашата програма“, изјави вчера за Канал 5 ТВ, претседателот на Алтернатива Африм Гаши.

„Делот со бројките за создавање на владата е одговорност на мандатарот. Тоа е одговорност на тој што  победил изборите. Ние во овој дел не би можеле да помогнеме. Единствено што може да направиме е да ги понудиме нашите пратеници да гласат за Влада, за која мислиме и веруваме дека ќе биде во интерес на граѓаните“, вели Гаши.

Битно, според него, е Албанците да имаа здрава опозиција, како што вели, или ДУИ или тие како коалиција.

„Затоа ние не можеме да бидеме дел од иста влада со ДУИ овој пат“, посочи Гаши.

Прашан дали може Алтернатива да се договори за влада без Алијанса за Албанците, Гаши рече дека тоа не може да се случи во никој случај.

Курир пак го пренесува пишувњето на Тетова сот во кое се вели:

Како што се интензивираат напорите за формирање на нова влада во Македонија, се прават сè повеќе комбинаторики и обиди за тоа која од македонските партии ќе ја формира оваа влада со тоа што постојано ќе разговара со сите албански партии, пишува Тетова Сот, пренесува Газета.мк.

ДУИ продолжува да биде главната сила во преговорите.

Додека пак кај другите албански субјекти, прашањето за формирање влада може да доведе до длабоки поделби во некои политички субјекти кои беа во коалиција и патот кон власта може да ги подели.

Според некои извори, се зборува дека Алтернативата на Гаши е блиску до договор со партијата на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и се чини дека главна причина за тоа може да биде Движењето Беса, кое не дозволува партијата на Гаши да го премине прагот на СДСМ.

Алтернатива, последните денови, честопати го повторува прашањето дека тие ќе бидат дел од власта.

Гаши и Алтернатива сакаат да продолжат да бидат дел од власта без оглед која од двете македонски партии ќе ја формираат Владата. И додека Гаши е за тоа да биде дел од Владата тој може да се одвои од Алијансата и да и’ покаже на Беса кој е на власт.