Нова навигациска информација (Navtex) за сеизмички истражувања на бродот „Оруч рејс“, издаде Турција рано утрово, што според грчките медиуми, го опфаќа морскиот дел меѓу островите Родос и Кастелоризо, додека пак грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис свика состанок на владиниот совет за национална безбедност, јави дописничката на МИА од Атина.
Координатите на денешната турска Navtex, според грчките медиуми се идентични и во истиот морски дел, како и претходната навигациска информација издадена на крајот на јули.
Тогаш, бродот иако воопшто не ги започна истражувањата, сепак ги заостри односите меѓу Грција и Турција, а германските медиуми пишуваа дека Ангела Меркел интервенирала за смирување на тензиите.
Грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои извори објави дека началниците на Генералштабовите утрво одржуваат итен состанок, но и дека „грчките вооружени сили се во состојба на готовност“.
Весникот „Катимерини“ пишува дека бродот „Оруч рејс“ во придружба на воени турски бродови плови кон грчкиот континентален гребен за да започне истражувања јужно од Кастелоризо, а издадената Navtex завршува онаму каде што започнуваат координатите од договорот меѓу Грција и Египет за одредување на Ексклузивната економска зона.
Медиумите во Грција коментираат дека новата Navtex, што е во сила до 23 август е реакција и одговор на Турција, на конкретниот договор меѓу Атина и Каиро.