Дарко ЈАНЕВСКИ
Иако се чини дека работата околу доделување на мандатот на Заев не е премногу битна, зашто или имаш или немаш 61 пратеник во Собранието, а тоа нема никаква врска со формалниот чин на доделувањето мандат (освен психолошки ефект, за народот кој има улога на тесто за кое зборуваше Јован Цвијиќ пред 100 и нешто години, да помисли дека се е готово), сепак, президентот на „вашата“ и „нашата“ држава, по средбата со Мицкоски, во обидот да се промовира во некаков познавач на правото, повторно зборуваше се и сешто, со тоа што во меѓувреме станал и шегаџија, па ете, демек ем експертски, ем забавно, успева да поентира. Му недостигаше неговиот клучен аргумент, а тоа е дека ако кажеш било што наспроти неговиот став, тој возвраќа со „аха, значи си против ЕУ и НАТО“, но ете доживеавме и тој да еволуира и да го испушти тоа. Но, кога веќе реши да се „пресметува“ околу правните работи, вреди да се каже и следното:
Така, Пендаровски тврди дека тој не можел да го чува мандатот дома или во фиока (неговиот шегаџиски изблик со кој би требало да ја долови ниската аргументација на противниците кои му дојдоа на кафе), и бил должен да го врачи во рок од 10 дена, зашто така велел член 90, став 1 од Уставот.
Еве ја таа одредба:
Како што можете да прочитате, Уставот навистина зборува за должност на претседателот која тој треба да ја исполни во рок од 10 дена од конституирање на Собранието, и тоа е тоа на што се повикува Пендаровски. Но, ако ја поврзете целата реченица (која Пендаровски ја подели на два дела), тогаш ќе ви стане јасно дека таа е една целина во која уставотворецот ја врзал должноста да се врачи мандатот во рок од 10 дена, но на таа партија или партии кои што имаат „мнозинство во Собранието“.
Значи, точно е дека тој има должност да го врачи мандатот во рок од 10 дена, но само ако некој има мнозинство во Собранието (како тоа се докажува е друго прашање). Ако нема мнозинство, нема ни должност да се врачи мандатот во рокот од 10 дена. И тука, улични финти од типот „дали треба да го чувам мандатот во фиока или дома“ не помагаат. Во Уставот има реченици, а не делови од реченици од кои вадите парчиња како ви одговараат.
Се разбира, ова прашање и не мора да е толку битно, зашто може Стево Пендаровски и да не го дава мандатот и навистина да го чува во фиока или дома, но ако некоја партија или партии имаат мнозинство во Собранието, по воведената практика од 2016 година дека не им треба никаква процедура, можат да се соберат во Собранието и да си изберат Влада. Всушност, изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието покажа дека не се потребни ни 61 глас, ни записник, ни ништо. Еве прашајте таму каде што не смеете да прашате, и од каде што за таков чин се добиваат честитки, паралелно со напомена за почитување на правото и ќе ви кажат дека навистина е така. Не лажат луѓето!
Како и да е, независно од тоа што би се правело понатаму ако Пендаровски не го додели мандатот во рок од 10 дена, оваа одредба не предвидува должност на претседателот на државата да го врачи мандатот ако некоја партија или партии немаат мнозинство. Одредбата не предвидува ни забрана да се врачи мандотот ако некој нема мнозинство, но Пендаровски се повика на „должност“ која ја предвидува Уставот и тука, президентот на државата, за чиј национален херој Пендаровски на овие години дознал од некои „експерти“ по историја дека е Бугарин (никогаш не кажа кои се тие експерти, а за волја на вистината никој и не го праша), дебело ја утна. Но, тоа е правна материја, а тој како професор по право во „вашата“ држава и не е должен да го познава истото тоа право. Ако вие сте мислеле дека е обратно, дека треба да го познава правото – сте погрешиле. А, ако ви е некаква утеха – не е единствен.
Е, сега, прашањето е што се прави ако некој нема мнозинство и претседателот реши да не го довери мандатот на партијата која има освоено најмногу пратеници, но не доволно за да се стигне до 61 глас. Како што е во случајов. И нема друга партија која би коалицирала со таа која има најмногу ратеници, но помалку од 61.
Би требало мнгу редови за да се објасни сето тоа, но да доловиме барем некој сегмент. Од правна гледна точка – не се прави ништо. Но, има друго нешто, кое Пендаровски го премолчува, а Уставот како правен акт во кој правно е манифестирана генералната политичка волја на државата, не може да го регистрира. Тоа нешто се нарекува политика и тоа значи дека претседателот може да чека по пат на политички договори, кај него или без негова улога, да се обезбеди тоа мнозинство. Практично, тоа значи дека може да чека исход од тоа што се случува и во моментов: Заев преговара со Ахмети за да стигне до тие 61 гласови, а веројатно и ВМРО-ДПМНЕ има свои политички калкулации и разговори. Фактички се е исто: само што Пендаровски можеше да чека и да не го доделува мандатот брукајќи се дека има таква должност.
Значи, да повториме уште еднаш: Пендаровски нема должност да го даде мандатот на тој што нема мнозинство и не може да се повикува на таа уставна одредба.
Што ако не се договори мнозинство и поради тоа никој не го добие мандатот? Пендаровски шегобиецот вели дека во тој случај, теориски можно е Оливер Спасовски да остане премиер во наредните 4 години. Ете, го искористи Спасовски како оние страшила кои се ставаат на поле или во нива и врз чија глава стојат чавки. Да, тоа е точно – ако ниту една партија не обезбеди 61 глас и ако потоа, откако ќе констатираат дека не можат да изберат влада, партиите не се договорат да изберат претседател на Собранието, да го распуштат Собранието и да се распишат нови избори, таа опција е можна.
Но, што ако тој кому му е даден мандатот, не обезбеди 61 глас? И што ако во тоа не успее и тој после него, и тој после него итн.? Што тогаш? Еве, Пендаровски излажа дека има должност и го даде мандатот на Заев. Добро. Што ако Заев не обезбеди 61 глас? Мандатот ќе оди кај Мицкоски. Добро. А ако и тој не успее? Ќе дојде на ред Ахмети. Па Зијадин Села… А што ако никој од нив не успее? Нема влада, така? Потребни се нови избори. Но, што ако партиите не обезбедат и 61 глас за распуштање? Ете, може да се случи пратениците да не кренат рака за саморспуштање. Фино им е вака, нели? И во таа варијанта Спасовски останува претседател на владата, така што овој аргумент на шегобиецот вреди едно големо ништо и нема врска со член 90 став 1 од Уставот!
Поентата е дека суштината е во 61 глас и дека Пендаровски без врска и непотребно глумеше дека има обврска согласно Уставот да го додели мандатот на Заев во рок од 10 дена од конституирање на Собранието. Такво нешто, едноставно не постои. Тоа би требало да го знаат и тие кои праќаа честитки во кои на крајта се повикуваат на почитување на правото.
Инаку, една единствена реченица која е точна во говорот на Пендаровски е – или имаш мнозинство во Собранието или немаш. Друга филозофија не постои. Но, ако тоа е работа на политички договор (или на наредба од „повисоките инстанци“ како во јануари 2017 година), тоа не значи дека тој што ја врши функцијата президент на државата, за чиј мнозински народ тој тврди дека има бугарски херои, може да зборува правни глупости.
Патем, кога веќе решил да го чита Уставот, би требало да знае и дека таму пишува дека на првата седница кога Собранието ќе биде во можност да се состане, тој ги поднесува на одобрување енговите одлуки за внредна седница. Прва седница на Собранието беше токму оваа на која беа верификувани мандатите. Колку што знаеме, нема таква точка на дневен ред, која би требало да се случи веднаш по изборот н нов собраниски претседател. Ете уште едно кршење на Уставот од президентот.
И, бај Д веј, уште ли јаде мекици Талат Џафери? Ех, море Стево Љубави, водиш држава во која изборот на твој заменик, кој во случај на твоја спреченост е врховен командат, зависи од мекици. Ама, што велиш, и онака не е битно, кога ниту ти, ниту заменикот твој, не командувате со војската. Си ја имате Шеќеринска, нели? Така што, „Мирнооо“!