Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 269 нови случаи на Ковид-19, што претставува рекордно висок број на дневно ниво од почетокот на епидемијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно податоците од Националната организација за јавно здравје, 39 од случаите се по направените тестирања на влезните точки во земјата, регистрирани се и уште два смртни случаи, а 25 лица се лекуваат приклучени на апарати.

Во Грција има вкупно 7.472 заразени лица, а просечната возраст е 40 години. Од почетокот на епидемијата починаа 232 лица.

Според грчките медиуми, од денешните 269 случаи, 98 се во регионалната единица Атика, односно поширокиот дел на Атина, а 70 случаи се во Солун.

Останатите се распределени во 20 различни региони низ цела Грција.

Со исклучок на вчера, кога беа регистрирани 150 нови случаи, во изминатите шест дена, во Грција, секојдневно има по над 200 новозаболени.