Тече рокот во кој треба да биде поднесен предлогот за состав на нова влада. На веб страницата на Собранието за денеска не е закажана седница. Крајниот рок е 2 септември.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев чека пак да биде премиер, лидерот на ДУИ има покана на 2 септември да оди во Хаг во Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово, а еден пратеник од ДУИ веќе поднесе оставка за да може неговиот брат да биде избран за министер во новиот владин состав на Заев. Во ДУИ имаат и друг проблем, дел од структурите во партијата не го прифачаат предлогот Бујар Османи пак да биде министер.
Во саботата ДУИ го предложи Јетон Шаќири за министер за информатичко општество и администрација, а претходно лидерот на партијата Али Ахмети ги обелодени и имињата на останатите министри. Според таа објава, Артан Груби ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи за надворешни работи, Крешник Бектеши за економија и Насер Нуредини за животна средина.
Од редовите на СДСМ во новата влада треба да влезат Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска да продолжи да го води ресорот одбрана, а предлогот на мандатарот е на чело на Министерството за правда да биде Бојан Маричиќ. Министерството за транспорт ќе го води досегашниот градоначалник на Штип, Благој Бочварски, а со Министерството за труд и социјална политика треба да роководи Јагода Шахпаска. Ресорот култура ќе и биде доделен на Ирена Стефанова. Досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања, а вицепремиерката Мила Царовска ќе раководи со Министерство за образование и наука. Фатмир Битиќи ќе биде предложен за вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски за вицепремиер за борба против корупцијата.
Новата влада треба да биде помала, односно од наместо досегашните 26, ќе има 19 министри или седум помалку.
Мандатарот Зоран Заев од владиниот тим очекува работа, чесност и одговорност, а вчера и неговата партија преку соопштение најави дека новиот владин состав во следните четири години ќе работи посветено на реализација на зацртаните програми, пред се на економскиот раст и развој.
– На прво место на агендата на новата влада е новата развојна македонска економија, која ќе обезбеди јакнење на стандардот на сите граѓани. Во наредните четири години ќе продолжи растот на платите, вложувањата во нови работни места, континуираната поддршка на домашниот приватен сектор и привлекување на странски инвестиции. Новата Влада продолжува со вложувањата во младите и во рамномерниот регионален развој, посветена на грижа за сите граѓани, а особено на најсиромашните. Членството во НАТО и интеграцијата во Европската унија носат стабилност и поттик за интензивен економски раст на државата, наведе СДСМ во соопштението.
Предлозите за новите министри беа објавени во средата откако претходно беше официјализирана коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ.
Предлозите за нови министри во средата беа одобрени од највисоките тела на двете партии.
Измени во собранискиот состав
Додека се чека на новиот владин состав, веќе се најавуваат измени во собранискиот состав. Новоизбраниот пратеник Флорин Бесими, брат на Фатмир Бесими кој е предложен за министер за финансии, се откажа од пратеничкиот мандат со цел да се избегне можен конфликт на интереси со неговиот глас во Собранието.
– Оваа одлука ја донесов на денот кога беа објавени имињата на кандидатите за министри на новата влада, која произлезе од гласот и слободната волја на граѓаните на парламентарните избори одржани на 15 јули. Оваа моја одлука е по предходна консултација и потполна координавија со претседателот Али Ахмети. Оваа одлука ќе се спроведе според законот и нормативните процедури на Собранието, напиша вчера Бесими.