Основното јавно обвинителство-Скопје денеска поднесе обвинение за случајот „Моќник“, во кое обвинети се сите 13 лица што беа опфатени во истрагата, меѓу кои и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. За Милошоски и други две лица е поднесен обвинителен акт, а против десет е поднесен обвинителен предлог.
По обвинението на Фејсбук се огласи и пратеникот и напиша дека политичките прогони служат како параван зад кој ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта.
-Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците. Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кој ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта.
Но, се ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев – напиша Милошоски.