Мачно ми е да слушам и читам како денес се насловува Македонија од нејзините политички лидери кои се откажуваат од се што е во врска со Егејска Македонија, пишува хрватскиот универзитетски професор д-р Горан Калоѓера.

– За денешните Македонци, тоа е поради „договорот меѓу Македонија и Грција“, но не е баш така. Ако политичката (целосно необразована) македонска елита малку, само малку се впуштеше во читање на извонредните македонски историчари на книжевноста, ќе се увереа во каква заблуда живеат и дека е тоа одрекување од македонското ткиво. Податоците (историски, докажани) укажуваат на една базична информација дека, види чудо, Егејскиот дел на Македонија е колевка на македонска нација, објавува Калоѓера.

Натаму во неговата објава на Фејсбук пишува:

– Прочитајте го г-дин Тодоровски, кој пишува: „Таму (Егејска Македонија) се родени првенците на  македонската преродба и Илинденското востание – Гоце Делчев, Димо Хаџи Димов, Крсте П. Мисирков, Ѓорѓија и Славка Динкови, Ангел Жаров, Стојан Христов, Лазар Поп Трајков, потоа хероите од Илинден Чакаларов, Клашев, Москов, Таската Серски и други. И тоа е несоборливо и не постои никаков договор кој тоа може да го негира. Да се откажат од своите национални херои родени во Егејска Македонија можат само примитивни, недоучени и продадени души. Што се однесува до книжевноста, во современата македонската книжевност учествуваат дваесетина  писатели кои се по потекло од Егејска Македонија (денес Грција). Станува збор за книжевноста напишана главно на македонски јазик, делумно на бугарски, албански, грчки и други јазици. Ние во Хрватска нив ги третираме како „писатели со две татковини“ или како писатели во егзил. Неспорно е за сите нас кои се занимаваме со македонска книжевност, дека „егејската тема“, која како таква Ташко Георгиевски ја отфрла, сепак е еден нов книжевен топос и специфична вредност на македонската литературата, особено на македонскиот роман. Тоа што го пишуваат (треба да се прочита) Паскал Гилевски, Ташко Георгиевски, Петар Ширилов, Ката Мисиркова, Иван Чаповски… е неспорно ново тематско поглавје во македонскиот роман, кој претставува живот и судбина, колективна и лична трагедија на луѓето од Егејска Македонија во последната војна и потоа. И сега да се откажете од тоа, во чие име, зошто, поради што… Исклучиво поради човечка глупост и политички причини, објавува професорот Калоѓера на својот профил на Фејсбук.