До доцна синоќа, во спасувачка акција на крајбрежната служба на Грција, во Егејското море биле спасени 92 лица, странски државјани, веројатно мигранти, откако почнал да тоне чамец со кој пловеле 21 наутичка милја западно од островот Халки, јави дописничката на МИА од Атина.
Веројатно е дека станува збор за мигранти кои од турското крајбрежје тргнале кон грчките острови.
Од Министерството за поморство на Грција соопштуваат дека во спасувачката акција учествувале четири патролни бродови, еден спасувачки брод, еден од воената морнарица и четири трговски бродови кои во тој момент биле во конкретната област, додека пак биле вклучени и два хеликоптери.
Од центарот за координација на истрагата и спасувањето на крајбрежната служба, министерот за поморство на Грција Јанис Плакиотакис ја следел спасувачката акција и дал наредба да се стави на располагање секое друго средство што е во конкретниот морски дел за да помогне во акцијата.