Бугарската владејачка партија ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов со помош на ВМРО ги обезбеди неопходните гласови за свикување Големо народно собрание, кое единствено има овластување да расправа за измени на Уставот.

– Ги имаме потребните гласови за да поднесеме предлог за одлука за свикување на Големо народно собрание (ВНС), како и нацрт за нов Устав – како што налага сегашниот устав, изјави  шефицата на пратеничката група  на ГЕРБ, Даниела Дариткова, јави БГНЕС.

Додека Бугарија се соочува со масовни антивладини протести, ГЕРБ и ВМРО имале преговори за спроведување референдум, односно за предлогот на Красимир Каракачанов кој не е во спротивност со предлогот за нов устав.

ГЕРБ претходно ги повика на разговори и консултации за предложениот нацрт-устав сите парламентарни групи со цел да биде постигната широка согласност меѓу народните претставници за свикување на Големото народно собрание, за што им се неопходни гласовите на две третини од пратениците.

Според Трновскиот Устав во Бугарија има Обично народно собрание  и Големо народно собрание, но зборот „обично“ најчесто не се користи. Народното собрание се состои од 240 народни пратеници, а Големото народно собрание од 400 пратеници избрани на директни избори. Големото народно собрание се  избира непосредно од избирачите од целата земја за решавање на важни државни и општествени прашања, како што се носење или менување уставот, менување на територијата на државата и слично. Последен пат заседавало од 10 јули 1990 до 2 октомври 1991 година.