Специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, изјави дека САД не се страна во договорот меѓу Србија и Косово за нормализирање на економските односи.
Со тоа Гренел ја демантираше вечерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија и Косово потпишаа билатерални договори со САД за нормализирање на економските односи меѓу Белград и Приштина.
– Тие потпишаа договор да работат заедно, тие не потпишаа со САД. Ние не сме потписницо, изјави Гренел на прес-конференција во Вашингтон.
Тој додаде дека „нема ни да се обиде да разјасни што мислел претседателот Вучиќ кога им се обратил на српските медиуми“.
– Она што (Вучиќ) го рече во салата за состаноци е дека ова е историски договор што ќе придонесе за нормализирање на регионот. Тој зборуваше за мини-Шенген зоната, изјави Гренел.
На прашањето дали Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти потпишале меѓисебен договор, Гренел рече дека „потпишале договор дека ќе работат заедно за нормализирање на економските и трговските односи“.