Американскиот претседател Доналд Трамп и демократскиот кандидат на претседателските избори, Џозеф Бајден, вербално се судрија околу вакцината за коронавирусот.
Трамп ги повика Бајден и неговата кандидатка за потпретседател Камала Харис „веднаш да се извинат за несовесната реторика против вакцините“.
Бајден рече дека „би сакал вакцината да се појави утре, дури и ако тоа го чини избори“.
Но, како што истакна, „луѓето не би сакале да ја примат, дури и вакцината да е многу добра, заради лажните изјави на претседателот за вирусот, што ја намали довербата на јавноста“.
„Ништо што тој досега кажа не е вистина“, рече Бајден за време на виртуелната конвенција на американските синдикати, по повод Денот на трудот во САД.
Трамп на прес-конференција во Белата куќа рече дека, спротивно на „политичките лаги“, секоја вакцина одобрена од федералната влада за масовна употреба ќе биде „безбедна и ефикасна“.
Судирот меѓу Трамп и Бајден околу вакцината се случува во време кога коронавирусот во Америка убива во просек околу 1000 луѓе на ден, според Центарот за контрола и превенција на болести.
Бајден во понеделникот ја посети една од клучните држави на изборите, Пенсилванија, и го обвини Трамп дека не сторил доволно за да ги минимизира штетите на јавното здравство и економијата, за да не ја намали цената на акциите на берзите.
„Тој живее во согласност со правилата за алчност, лага и себичност“, рече Бајден.
Трамп, од друга страна, ја пофали борбата на администрацијата со последиците од пандемијата и предвиде закрепнување на економијата.
Тој исто така рече дека со победата на Бајден, кој тој го нарече „глупав“, „Кина ќе биде сопственик на Америка“.