Жителите на Мадрид денеска протестираат поради управувањето на локалните власти со пандемијата и воведувањето на нови рестриктивни мерки во квартовите со најголем број на заразени со Ковид-19.

Со заштитни маски на лицата и држејќи физичка дистанца побараа оставка од регионалната претседателка Изабел Дијас Ајусо.

Дел од демонстрантите извикуваа „За сите или за никого!“, критикувајќи ја одлуката на Дијаз Ајусо за воведување на нови рестрикции од понеделник во сиромашните делови на главниот град на Шпанија, каде е забележан најголем пораст на заразени со новиот коронавирус.

Со новите рестрикции ќе бидат погодени околу 860.000 луѓе кои нема да смеат да ги напуштат своите населби, само во случај на одење на работа, на лекар и на училиште. Парковите во тие области ќе бидат затворени, додека продавниците и рестораните ќе мора да го ограничат бројот на клиенти на 50 отсто од капацитетите.

Во Шпанија досега со Ковид-19 се заразиле над 659.000 од кои повеќе од 30.400 починале. Стапката на ширење на вирусот во Мадрид е повеќе од двојно поголема од националниот просек, поради што земјата е една од најпогодените во Европа.