Поради сериозната епидемиолошка состојба, со зголемен број хоспитализации на пациенти со коронавирус, словенечкиот премиер Јанез Јанша ги повика болниците да ја прилагодат својата работа согласно моделот кој го имаа во текот на пролетните месеци, односно при првиот бран на епидемијата, соопштија денеска владини претставници.
Во Словенија денеска се потврдени 88 нови случаи на коронавирус, но минатата недела дневниот број на нови инфекции надминуваше сто, а растот на бројот на хоспитализирани лица предизвика посебна загриженост, па затоа Јанша нареди подготовки за режимот на работа што важеше на почетокот на епидемијата, но да се избегне тогашната ситуација кога поради Ковид-19 здравствената заштита беше практично „затворена“ за други пациенти.
Специјалистката за инфективни болести Бојана Беовиќ, која го предводи словенечкиот владин стручен тим за борба со Ковид-19, најави реорганизација на работата на болниците и владина помош со цел зајакнување на нивниот персонал, за што се обезбедени средства. Таа изрази загриженост поради зголемувањето на бројот на новозаболени, особено оние на кои им е потребен прием во болницата.
Според неа, во моментов има 71 пациент во Ковид одделенија во словенечките болници, од кои 13 имаат потреба од интензивно лекување, но со сегашниот тренд, бројот на хоспитализирани лица може да се зголеми на 250 до 300 во средината на октомври, со околу педесет на интензивна нега.
Беовиќ предупреди на потребата од строга примена на епидемиолошките мерки, кои Владата ги надополни кон крајот на минатата недела со скратување на работното време на локалите и воведување на обврска за носење маски не само во затворен простор, туку и на отворено, онаму каде не е можно да се одржи физичката дистанца. – Со доследна примена на мерките, бројот на новозаразени може да почне да опаѓа за околу десет дена, рече таа.
Словенечкиот премиер и вчера призна дека е загрижен за функционирањето на здравствениот систем доколку продолжи сегашниот тренд на хоспитализации поради Ковид-19. Одговарајќи на критиките на опозицијата во парламентот, Јанша ги демантираше тврдењата дека неговата влада не подготвила здравствена заштита за вториот бран на епидемијата наесен и дека сега има „масовен ќор-сокак“ во здравството, со уште подолго време на чекање за операции и доцна откривање на малигни заболувања.
Јанша вчера рече дека се надева дека здравствениот систем нема да биде затворен за другите пациенти поради зголемениот број на лица заразени со коронавирус, затоа е важно за сите да ги следат епидемиолошките правила, наведувајќи го недостигот на персонал како главен проблем за долгорочна здравствена заштита.
– Не е главниот проблем во финансиските ресурси, рече Јанша, додавајќи дека владата веќе издвои дополнителни 210 милиони евра за здравствена заштита оваа година и се обидува да ги реорганизира болниците кои сега, за разлика од средината на март, имаат доволно заштитна опрема и респиратори.
Главниот проблем, како што посочи, е недостигот на медицински персонал и стручен кадар потребен за здравствена заштита и во домовите за стари лица.
– Во последните неколку месеци, неколку стотици експерти, лекари и медицински сестри ја напуштија Словенија и заминаа во Австрија и во други земји, рече словенечкиот премиер, истакнувајќи дека неговата влада преговара за нов пакет за здравствена заштита со социјалните партнери, но исто така предлага исклучување на високообразовани здравствени работници. од системот на јавни плати, за да можат соодветно да бидат наградени и да не одат во средини каде се подобро платени.