Собранието попладнево ја продолжи 13 седница, на чиј дневен ред е Предлогот за именување на заменици на министри во Владата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски процедурално изрази револт од начинот на водење на собраниските седници, кои рече дека почнуваат со неколку часа доцнење и додаде оти така се избегнуваат медиумите.
За предлогот на заменици-министри, кажа дека е базиран на предизборни лаги и ветувања, кои во практиката сосема поинаку изгледаат.
– Македонија веќе нема шанси со оваа Влада да продолжи понатаму. Тоа е нашето загрижување. Справувањето со пандемијата е катастрофално лошо, 40.000 граѓани останаа без работа. Уште многу работни места се под знак прашалник. Спроведовте три пакет мерки за помош на мали и средни претпријатија и стопанството, а ние имаме се поголем број на невработени и луѓе кои ги отпуштаат од работа, изјави Мицевски.
Додаде рече дека во септември годинава реализацијата на капитални инвестиции во земјава е 41 отсто, а Владата се повикува на лошата година и на пандемијата на Ковид-19. Обвини дека во изминатите три години има катастрофална реализација на капиталните инвестиции, се осврна на аеродромот што требаше да се гради во Штип и дека парите ќе бидат пренаменети за канализации и за инфраструктурни проекти во земјава.
Премиерот Зоран Заев реплицирајќи му на Мицевски рече дека секој заслужува да му се даде шанса, додаде дека тоа се нови луѓе на тие позиции, сериозни и квалитетни луѓе кои се докажале во своето работење. Посочи дека се застапени поголем број етнички заедници и ги повика сите пратеници да размислат за гласањето на овие кадри.
Заев изјави дека 41 отсто е реализацијата на капитални инвестиции до август годинава и верува дека ќе има максимална реализација на капиталните инвестиции во текот на годинава.
-Продолжуваме максимално во овој период преку реализација на капиталните инвестиции во државата да бидеме и помош на нашето македонско стопанство затоа што веруваме дека секој денар вбризган во македонската економија е од огромна помош, истакна Заев. За аеродромот во Штип рече дека сите сакале да се изгради, но додаде дека условите тоа не го дозволиле и тоа не е возможно.
Опозицијата попладнево повтори дека се работи за „старо-нова Влада“, а пратеникот Владо Мисајловски рече дека се работи за „мафијашка Влада“ и се осврна на македонската историја, македонскиот идентитет, и на Гоце Делчев. Се дебатираше за состојбата во образованието и за неизвесноста за почетокот на новата учебна година, за најавениот протест на мајките чие породилно отсуство е прекинато со одлука на Влада и утре треба да се вратат на работа и побараа да се најде решение за нив. Прашаа зошто меѓу предложените 16 заменици- министри има само една или две жени.
Премиерот Заев реплицираше дека за македонскиот јазик и за македонскиот индентитет на се преговара. -За школската година правиме се она што е типично за наши услови и го прави светот, рече Заев, додавајќи дека на сите прв приоритет им е здравјето на децата. Според него, ако учениците од прво до трето одделение не се дозволи да одат на училиште со физичко присуство, тогаш нема писменост. Додаде дека се следат препораките на стручните лица и за мајките, за опфатот на деца во градинките…
Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ рече дека Владата ги презела сите можни и потребни чекори за да може успешно да стартува учебната година во вакви услови. Потсети дека се донесени измените на законите за основно и за средно образование, има план за работа, протоколи за работа ако се одбере настава за учениците со физичко присуство, алгоритам за тоа како да се спречи ширење ако се детектира позитивен или некој со симптоми на Ковид-19 кај наставничкиот кадар, но и кај учениците. Донесена е национална платформа за дигитално учење со што се овозможува на многу едноставен начин на сите наставници јазици да може да се вклучат 25 илјади наставници и да држат настава, а 250.000 ученици да следат.