Медот денес се повеќе се користи како лек, отколку како храна. Трошиме само 700 грама годишно по глава на жител, за разлика од Германија која троши девет килограми или Јапонија 16 килограми по глава на жител. Затоа, неминовно е да го смениме однесувањето и да го прифатиме медот како значаен животен продукт во исхраната.
Ова е пораката од 16. „Денови на македонскиот мед“ што традиционално се одржува на улицата „Македонија“ во центарот на Скопје.
Како што истакна претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Венче Билбиловски, кое ја организира манифестацијата, во земјава, за жал, сè повеќе има мед измешан со шеќер и разни сирупи, а целта е да се добие брз профит иако притоа се уништуваат природните својства на медот што, пак, доведува до аномалии и телесни нарушувања кај човекот.
-Бараме, како што се тутунот, грозјето и други земјоделски култури, и пчелите и медот да бидат заштитени со закон. Земјава е една од ретките во светот со услови за квалитетно производство на мед. Можеме да бидеме синоним за здрав, квалитетен и природен мед како што е Германија синоним за техника, а Италија за мода. Секоја година на светските саеми нашите пчелари освоуваат високи награди. Нам, пчеларите, ни останува да ја вратиме довербата кај потрошувачите, а тоа можеме да го направиме само преку едукација и поддршка од Агенцијата за храна и ветеринарство, Инспекторатот и Министерството за земјоделство. Ги повикувам надлежните да ја спречат нелегалната трговија со медот, за да ги подигнат стандардите за домашно производство и продажба, истакна Билбилоски.
Според него, живееме во време кога напнатоста и стресот се општо прифатени и веќе немаме време да застанеме и да се прашаме што внесуваме во организмот и со што ги храниме сопствените деца.
-Денес постојат голем број вируси, алергии и други болести кои пред стотина години воопшто ги немало, дел од нив се поради неправилната исхрана и вештачката храна. Единстевниот начин на кој можеме да живееме во склад со природата, е да ја почитуваме, да не ја загадуваме, да ги заштитме инсектите, животните и ратсенијата. Само така, со таков придонес, може да се обезбеди здрав живот со сите благодети, а еден од тие дарови е медот кој претставува единствена природна супстанца која од дамнина е сметана за храна и лек и ја користеле, фараони, кралеви и цареви, потенцира претседателот на Здружението.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа рече дека Владата има јасна стратегија за пчеларството и вети максимална поддршка.
-За пчеларството, воспоставени се нови мерки преку Програмата за финансиска поддршка 2020 година, а достапни се и ИПАРД фондовите. Планирани се и мерки за поддржување иноваци во однос на пчелни
производи, активно вклучување на младите земјоделци и руралните жени, но и мерки за развој на пчеларскиот туризам со цел подобрување на условите за живот во руралните средини. Согласно Програмата за финансиска поддршка во 2019 година за презимено пчелно семејство се исплатени 167.199.400 денари на 4.114 земјоделци, истакна Хоџа.
Податоците од АХВ, дополни, покажуваат дека производството на мед во изминативе години е зголемено и лани изнесувало 1,671,420 килограми. Дел од овие количини мед е наменет за домашниот пазар, а дел се извезува.
-Македонскиот мед е многу ценет на странските пазари за што зборуваат и последните информации од неодамна одржаниот натпревар по квалитет на мед во Тузла, на кој учествуваа претставници од три континенти, а македонскиот мед е прогласен за најквалитетен, подвлече министерот.
На отворањето се обрати и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој напоемна дека Фестивалот на медот има за цел да ја одржи традицијата на пчелни производи, а присуствуваше и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.
Најголемо внимание на манифестацијата привлече Атиџе Муратовска, главната протагонистка на македонскиот докумантарен филм „Медена земја“ што беше номиниран за два оскара. Таа скромно дојде, а откако организаторите ги најавија гостите, по што го прочитаа и нејзиното име, Атиџе доби бурен аплауз.
Посетителите на „Денови на македонскиот мед“ на поставените штандови долж улица „Македонија“ можат да купат мед, пчелин восок, прополис, матиен млеч, полен, перга, па и ликери на база на мед. Цената на тегла мед, како што рекоа некои од сопствебиците, чини 450 денари и е унифицирана.
Пчеларите се пожалија дека годинава ќе биде тешка, но од производство не се откажуваат зашто се вистински љубители на пчелите.
Поради корона кризата, манифестацијата овојпат е организирана по сите протоколи за заштита, а и на отворањето не присуствуваа дечињата од скопските градинки кои се вообичани гости и верни поддржувачи.
-Програмата на Фестивалот годинава е посиромашна поради корона вирусот. Сакаме да ги почитуваме протоколите, да ги заштитиме здравјето и животот на граѓаните. Поради пандемијата живееме во затворен свет, изолирани, контактираме и се дружиме малку. Но, нашето Здружение сепак, покажа храброст и не сакајќи да ја прекине традицијата, во срцето на Скопје и годинава ќе понуди мед и други пчелни производи, истакна Билбилоски.