Се колнам дека ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на РС Македонија, кажаа меѓудругото во свечената заклетва 40 питомци од 24. класа на Воената академијата „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, кои ќе го започнат военото образование, а министерката за одбрана Радмила Шекеринска им порача само небото да биде граница, да чекорат напред и да не ја изгубат жедта за знаење.
Секоја секунда помината на оваа Академија, им порача Шекеринска на 25 питомци од Македонија, осум од Црна Гора, шест од Босна и Херцеговина и еден од Косово, да ја искористат како да бидат подобар офицер, затоа што таа посветеност е состојка за секоја успешна кариера.
– Кога ќе се соочите со потешкотии, со голем товар и со притисок, потсетете се дека тоа ќе ве направи посилни и поотпорни. Направивме големи чекори напред, РС Македонија е НАТО, а во тек се суштински процеси за опремување, трансформација и модернизација. Ќе продолжиме да работиме резултатите од вашата работа да бидат повидливи, вашиот стандард повисок, но сето тоа е возможно само со заеднички напор. Бидете целосно фокусирани, мотивирани и посветени во вашите задачи затоа што така се достигнува врвот, бидете пример за вашите млади колеги кои се на самиот почеток, рече меѓу другото Шекеринска.
Таа наведе дека во новата 24 класа веќе се гледаат резултатите во однос на Резулуцијата што се однесува на жените, мирот и безбедноста, а тоа е родовата еднаквост и перспектива. Оваа година военото образование го започнуваат 18 жени и 22 мажи, а сите тие се првите со воено образование како земја членка на Алијансата и се рамноправни од сите воени високи образовни институции на Сојузниците.
– Армијата е заслужено на пиадесталот како институција со најголема доверба помеѓу граѓаните и убедена сум дека и вие како и вашите колеги ја заслужувате и со секој поминат ден со секоја завршена задача ќе ја оправдате таа доверба во одбраната и во Армијата. 20 – та класа питомци кои денеска го добиваат својот прв офицерски чин покажа колкава е вредноста на Воената академија не само за нас, туку и за нашито регион, а со тоа и за НАТО. Триесеттина проценти од оваа класа се школувани за потребите на вооружените сили во регионот. Во оваа група Воената академија школуваше питомци од БиХ, Косово и Црна Гора, изјави Шекеринска.
Честитајќи и на прворангираната Билјана Дуловиќ од оваа генерација, но и на второрангираниот Гоце Софески и треторангираниот и Филип Младеноски, Шекеринска посочи дека таа треба да биде пример и доказ дека воената професија не гледа име, презиме, потекло, ниту пол, туку единствено квалитет, посветеност и мотивација.
– Патот почнува од тука питомци, ќе ве учат како да се построите, додека Вие не знаете што се ве очекува и за четири години ќе бидете каде што сме ние сега и ќе бидете тие кои ќе посторојуваат и командуваат. Тогаш ќе знаете зошто се мора да биде навремено, точно, прецизно. Не е лесно. Војничкиот начин на живот бара жртва, но и дава многу, а тоа и го прави посебен. Тука првпат бевме горди сами на себе, тука заедно стануваме, учиме, работиме, се смееме и тагуваме, тука ќе научите да бидете семејство во кое секој ќе подаде рака, се обрати во името на 20 – та класа прворангираната Билјана Дуловиќ.
Пред присутните гости, таа им се заблагодари на семејствата, професорите и старешините, кои, како што рече, ги направиме поцврсти, попаметни и разумни и вети дека тоа ќе го докажат со нивната работа, бидејќи се подготвени да одговорат на најсложените задачи и предзивици.
Во првиот офицерски чин, потпоручник, беа промовирани 27 питомци од 20. класа кои го завршуваат своето воено образование на Академијата. Од нив, 19 се од Македонија, тројца од Црна Гора, четворица од Босна и Херцеговина и еден од Косово.