Собранието на Република Македонија денеска одлучи измените во Законот за заштита од заразни болести да се донесат по итна постапка, откако не можеше да се создаде мнозинство, поради болните пратеници.

Измените се задолжително носење на заштитни маски на отворено и контрола на домовите. Оваа мерка, како што објави ТВ 21, стапува на сила по објавување во Службен весник, но веројатно претходно Владата треба да објасни како истата ќе се применува во домовите.

Во Собранието попладнево пратениците со 60 гласа „за” и 32 „воздржани”, без глас „против” се согласија измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, да се донесат по скратена постапка. Оваа точка од 13-та, на предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, беше ставена прва на дневниот ред, но по неа Собранието ќе расправа откако таа ќе помине на седници на ресорните собраниски комисии. Дури потоа измените и дополнувањата повторно ќе се најдат на пленарна седница за усвојување.

Предлог за измени и дополнувања на истот закон вчера доставила и опозицијата, но таа точка не се најде на дневен ред на оваа седница. За ова, објаснување од претседателот на Собранието Талат Џафери побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и предложи со таа точка да биде дополнет дневниот ред, што не беше прифатено од мнозинството пратеници.

Џафери појасни дека не можел да ја стави на дневен ред оваа точка, поради тоа што таа била изготвена само на македонски јазик, па согласно законот за употреба на јазиците предлогот е даден да се преведе. Оваа точка, рече Џафери ќе биде ставена на дневен ред на седница која ќе се одржи на 29 октомври кога ќе биде ставен и ребалансот на Буџетот.