М-р Стојанче ГЕРОВСКИ
(авторот е адвокат од Скопје)
Не само што не може да се поверува до каде оди глупоста на една земја во негирањето на еден јазик, но истовремено не може да се поверува ниту на инертноста на домашната политика, посебно на дипломатијата во однос на ова, но истовремено и на останати прашања.
Со тоа политиката и нејзината алатка во надворешните односи – дипломатијата, во вакви моменти истите неопходно е да овозможат разгледување и решавање на прашања кои само навидум личат на затворени.
Согледувајки ги претходно искажаните ставови на Република Грција, ставови од блиското минато, се согледува отвореното проблематизирање дури и за опстојувањето на нашата држава и тоа со јасен став:
„Очигледно е дека на долг рок, Скопје е еден економски неодржлив ентитет…“.
Ваквиот јасен став произлегуваше од тогашното политичко раководство на Република Грција, а преку писмо на тогашниот министер за надворешни работи Андонис Самарас до Европскиот совет, дека „во Скопје, главните етнички групи, Албанците, Бугарите и Србите, чувствуваат приврзаност со држави преку границата и тие посакуваат да се соединат со нив…“.
Сега Република Грција, во делот на македонскиот јазик молчи, но приматот го превзема Република Бугарија, и сето тоа спротивно на Спогодбата за добрососедство, составена на основа одредбите од Повелбата на Обединетите Нации и особено оние одредби кои се однесуваат на обврската на државите во меѓусебните односи, со посебен осврт на точките:
-Воздржување од закана или употреба на сила;
-Признавање на идентитетот, а самиот идентитет произлегува и му припаѓа на народот, чии припадници се нарекуваат онака како и што се чувствуваат – „Македонци“ и како такви се запишани во Обединетите Нации во делот на националноста и припадноста;
-Признавање на јазикот како посебен јазик кој се говори на оваа територија, признат во Обединетите нации како јазик – „Македонски“.
Со самото тоа, македонската политичка гарнитура на власт има за обврска да ги решава и да ги затвора ваквите прашања, сето тоа на околности што Македонија претставува суверена држава, со безбедносни граници, во која живеат граѓани – МАКЕДОНЦИ и во која се говори на официјален признат јазик – МАКЕДОНСКИ.
Со ваквото дефинирање на јазикот – МАКЕДОНСКИ од страна на Организацијата на Обединетите Нации, македонскиот јазик претставува официјален признат јазик во светската организација на нациите.
Дополнителен аргумент за признание на македонскиот јазик, од практична гледна точка, претставува ноторниот факт дека Македонија ја има ратификувано Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, со што ја има прифатено јурисдикцијата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Со тоа, пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се задолжителни и за Република Македонија, а Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи претставува дел од правниот систем на Македонија.
И тука дополнително се потврдува постоењето и признавањето на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а децидно предвидени во Обединетите Нации.
Имено, сите ние адвокати, кои сме практицирале предмети пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, апликациите ги поднесуваме на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.
На основа вака поднесени апликации на македонски јазик и на неговото кирилско писмо, Европскиот суд во Стразбур постапува по истите, а Република Македонија е задолжена да постапува по таквите одлуки на Судот.
Тоа недвосмислено го потврдува признавањето на македонскиот јаик и неговото кирилско писмо.
Со тоа се добива недвосмислен одговор дека ваквиот став на Република Бугарија околу прашањето со македонскиот јазик, не само што е нереален, но истото прашање е истовремено и невозможно за поставување, сето тоа од причина што не само што не би останал во сила Договорот за добрососедство со Бугарија, а кој Договор со официјален став на двете страни е предвидено дека е потпишан секој од нив на официјалните јазици на Договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија, но од гледна точка на практицирање на правото, со невозможното негирање на јазикот од страна на Бугарија, сите досегашни пресуди на Европскиот суд во Стразбур, а кои се однесуваат на Македонија би требало да бидат поништени затоа што би значело дека се напишани на јазик кој не постои – но реалноста е сосема различна, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се прифатени од оваа значајна меѓународна институција во делот на заштита на правата на човекот и граѓанинот и истиот со децении е реалност.
Ваквата реалност останува да се изработи исклучиво од страна на политиката и дипломатијата, а не од комисии кои немаат право да разговараат, а уште помалку да одлучуваат за нешто што е реалност, за нешто што е потврдено од страна на Обединетите Нации, за нешто што се користи и во пракса и за нешто за кое Европскиот суд во Стразбур постапува и донесува свои пресуди напишани по иницијативен акт составен на македонски јазик и кирилско писмо.
Исклучиво на потег е политичарот и дипломатијата, која со помош на средствата кои и стојат на располагање има за единствена цел да изнаоѓа решенија со погледи во подалечната иднина, изнаоѓајки ги патиштата како да ги заобиколи препреките, но да ги заобиколи на начин што истите препреки нема повторно да и се најде на патот – ENDE! (или – КРАЈ! – нема дискусија за македонскиот јазик и неговото кирилско писмо).