Воислав ЗАФИРОВСКИ

Многу често во секојдневната комуникација, па дури и во изјавите на официјални, јавни лица, може да се слушне изразот – тајна полиција.

Дали Република Македонија стварно има тајна полиција?

Како човек кој цел работен век го има поминато во полицијата, ќе одговорам дека Република Македонија легалистички гледано, нема тајна полиција.

Одговорот за тоа зошто нема тајна полиција е едноставен: полицијата, АНБ, ОТА, Агенцијата за разузнавање и Военото разузнавање работат согласно Уставот и во рамките на со закон определените надлежности, користејќи се со методи што се пропишани врз основа на закон и сето тоа е подложно на надзор и контрола на сите нивоа од страна на професионални, стручни служби во рамките на самите институции; народниот правобранител; Собраниска комисија; бројни НВО, а преку медиумите и од пошироката јавност.

Со еден збор имаме идеален, безбедносен систем кој беспрекорно функционира по сите линии и има перманентна граѓанска контрола. Од тука, теоретски гледано во Република Македонија нема тајна полиција. Милина.

Тогаш се поставува прашањето од каде идејата и коментарите за постоење на тајна полиција?

Тајната полиција всушност е производ на непочитувањето на Уставот и законите од страна на полицијата и особено на разузнавачките служби, чии припадници, со чесни исклучоци, од секогаш ја мистифицирале својата работа и многу често се поставувале над законот, кршејќи ги професионалните принципи на работа, особено принципот на законитост.

Да, законите дозволуваат примена и на скриени (тајни) методи на работа, преку примена на специјалните истражни мерки, но и тие се пропишани со закон, пропишана е процедурата за тоа кој, како и за што одобрува примена на такви мерки, што во принцип треба да ги заштити граѓаните од полициска злоупотреба на службата и да им даде правна сигурност.

Меѓутоа, мистификацијата на службата и честото поставување над законот на дел од нејзините припадници, е надополнето и со отсуството на ефективна и ефикасна контрола врз нивната работа.

Сведоци сме дека ниту еден собраниски состав до сега не успеа да оствари ефикасна и ефективна контрола врз работата на УБК, што е случај и сега со АНБ, и со ОТА.

Едноставно, членовите на собраниската Комисија се доведени во позиција бланко да веруваат во извештаите кои им ги даваат овие служби, без можност да направат ефикасен, стручен увид во нивната работа.

Кога велам ефикасен и стручен увид, пред се мислам на можноста да се изврши експертска контрола од страна на информатички и правни експерти, да се провери дали системите што се користат за следење пред се на електронските комуникации не се злоупотребуваат и за други цели.

Исто така, сведоци сме дека многу често партиските прес конференции и соопштенија содржат бројни, добро камуфлирани информации кои може да се добијат исклучиво со користење на посебните (тајните) истражни мерки, за кои Јавното обвинителство никогаш не издало наредба за нивно користење.

Тогаш следи прашањето од каде излегуваат ваквите информации и како партиските елити доаѓаат до нив?

При одговорот на ова прашање постојат два можни одговори. Првиот, дека партизираните служби по добиена задача од партиските штабови, што е спротивно на Уставот и законите, следат и пресретнуваат нечии комуникации, или вториот, партиите, спротивно на Уставот и законите да располагаат со опрема за следење на комуникациите и тоа, за партиски потреби да го користат како алатка за дискредитирање на политичките противници.

Да заклучам, ако во Република Македонија има тајна полиција, тогаш таа или е во неконтролираните институции кои ја злоупотребуваат со народни пари скапо платената софистицирана техника за цели што се надвор од законот, или е во рамките на партиите за кои институциите се должни да знаат, а не знаат.

Кога Република Македонија би била правна држава во вистинска смисла на зборот, тогаш пропишаните механизми за контрола врз работењето на полицијата би функционирале и длабоко сум убеден дека никој не би користел термин тајна полиција. Вака, како што стојат работите, Република Македонија во сите институции, на извесен начин има етаблирано кодоши и тајна полиција чии активности и работа е надвор од законот и е казнива.

За нивна среќа, немаме правна држава, а со тоа и покрај добрите закони, полицијата не е транспарентна, ниту е контролирана, напротив, тој мистичен превез, превез на некаква тајност се уште и стои, што прави граѓаните да се чувствуваат нелагодно и без правна сигурност за нивните права кои Уставот и законите им ги гарантираат.

Затоа, драги мои, итно и нужно е да се направи проветрување на полициските структури од партиската смрдеа во нив, истите да се реформираат, професионализираат и да бидат под постојан експертски и граѓански надзор и контрола од страна на стручни и компетентни тимови, при што одамна промовираната идеја за воведување полициски омбутсман треба конечно да се реализира.

Се до тогаш de jure ќе немаме, а de facto ќе си имаме тајна полиција, која била, е и ќе биде над Уставот и законите и ќе биде перманентна закана за човековите слободи и права и за демократските процеси во Република Македонија.