И денеска голем број држави објавија високи бројки на новозаразени и починати од Ковид-19. Според сајтот „Ворлдметер“ во светот инфицирани се 50.377.799, од кои починале 1.258.066, а оздравеле 35.620.816 луѓе

Во Словенија денеска се пријавени 889 новозаболени и 34 починати од последици од Ковид-19, со што вкупната бројка се искачи на 531 смртни случаи.
Тоа е помал број на инфицирани од претходниот ден, но е рекордна бројка на смртни случаи од почетокот на епидемијата.

Додека во Хрватска во изминатите 24 часа регистрирани се 2.543 новозаразени лица и 42 починати. Во земјата има 15.678 активни случаи и 1.396 пациенти на болничко лекување, од кои 145 се на респиратор.

Во Босна и Херцеговина денеска се потврдени над 1.200 новозаболени лица со Ковид-19 и 19 смртни случаи. Во земјата активни се околу 30.000 случаи. Од почетокот на епидемијата во март регистрирани се приближно 64.000 заболени и над 1.500 починати лица.

Министерството за здравство на Бугарија денеска соопшти дека за еден ден пријавени се 2.301 новозаболени со Ковид-19, што е за 1.538 помалку во споредба со претходниот ден. Во изминатите24 часа починале 56 пациенти, со што вкупниот број на смртни случаи се искачи на 1.632.

Во Бугарија од почетокот на пандемијата со новиот коронавирус се заразиле 74.485 луѓе, од кои оздравеле 23.805 лица.

Русија денеска потврди 20.498 новозаболени со Ковид-19. Тоа е трет ден по ред кога бројката на новоинфицирани е поголема од 20.000 лица.

Во Русија досега со новиот коронавирус се заразиле 1.774.334 луѓе, од кои починале 30.537 пациенти.

Додека во Иран денеска се забележани рекордни 459 смртни случаи, со што вкупниот број на починати од последици од Ковид-19 се искачи на 38.291 човек. За еден ден во Иран пријавени се 9.236 новозаболени.

Претходно, американските здравствени власти објавија дека Тексас е првата сојузна држава каде се регистрирани над еден милион луѓе заболени од новиот коронавирус, што е десет отсто од вкупниот број на пациенти во  САД. Во САД со Ковид-19 досега се инфицирале околу 10,1 милиони луѓе.