Инсистирањето на Бугарија на контроверзни историски прашања како услов за евроинтерграцијата на Македонија може да ја загрози целата политика за проширување на ЕУ, оценува Франкфуртер алгемејне цајтунг во текстот „Меркел ги предупреди кавгаџиите“.
– Во овој дел од Европа во кој се преценуваат историските спорови, ќе дојде до крај на политикта на проширување на ЕУ ако се дозволи барањата за договор за билатерални историски спорови да стане предуслов за почеток на пристапните преговори. Бидејќи сите земји-членки на ЕУ во поширокиот регион (Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Хрватска) се во конфликт со земјите кандидати за едно или за друго историско прашање. Станува збор за територии, исходот и текот на војните, проценка на историските личности, постоењето или непостоењето на разни малцинства. Доколку договор за вакви контроверзни прашања стане критериум за пристапување, политиката на проширување на Балканот ќе заврши, пишува ФАЦ.
Бугарската закана дека ќе ја блокира Македонија, според германскиот весник, го засени и Самитот за Западен Балкан на Берлинскиот процес со кој вчера заеднички претседаваа премиерите на двете земји Бојко Борисов и Зоран Заев.
– Берлин, кој како актуелен претседавач со Советот на ЕУ сака да ги отвори пристапните преговори со С. Македонија и со Албанија во декември, со недели се обидува да посредува во спорот на највисоко ниво. Федералниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, канцеларката Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Хајко Маас интервенираа за да се постигне компромис и да се убеди Бугарија да ја повлече заканата за вето, наведува ФАЦ.
Канцеларката Меркел на Самиот во Софија порача дека една од целите на Берлинскиот процес е и помирувањето, со надминување на историските тензии. Таа, посочува весникот, како наставничка во училиште ги предупреди двајцата шефови на влади да стават крај на спорот, порачувајчи им: „Во регионот, мора да кажете да: Направете договор! Ова е многу важно“ .
– Во вторникот беше неизвесно дали овие предупредувања ќе бидат успешни. Слушнавме од Скопје дека изгледите се лоши. Бугарија инсистира на својот став дека С. Македонија може да преговара за членство само ако го усвои бугарското државно толкување на „заедничката историја“. Бугарија веќе ја информираше ЕУ на почетокот на ноември дека под сегашните услови нема да се согласи за почеток на пристапните преговори, пишува ФАЦ.
Од гледна точка на Бугарија – барем колку што тоа го шират историчари блиски до државата и владата – Македонците се „измислена нација“. Софија бара од Скопје јавно да изјави дека во Бугарија нема македонско малцинство, а мора да признае и дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени. Оваа позиција, е критикувана од водечки бугарски историчари и лингвисти, кои во отворено писмо до владата ја оценија како несоодветна па дури и смешна, но тоа, наведува весникоит, не влијаеше на владата во Софија. Министерката Екатерина Захариева се пожали на Ројтерс за „бесконечните тврдења“ на Скопје за постоење на македонско малцинство во Бугарија и за непризнавање на „актуелните реалности“ и „историската вистина“.
– Сепак, ниту Заев ниту членовите на неговиот кабинет не излегоа во јавноста со обвинувања за македонско малцинство во Бугарија. Од С. Македонија исто така се вели дека во 21 век во Европа не е на државите да одлучуваат кои малцинства се дозволени, а кои не. Неофицијален компромисен предлог предвидува Скопје писмено да признае дека македонскиот јазик, како што денес се зборува во Северна Македонија, бил кодифициран по завршувањето на Втората светска војна. Иако овој факт само по себе е неспорен, во вторникот не беше јасно дали може да се донесе приближување меѓу Софија и Скопје, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.