Ново болничко комбе може да се купи за струмичката болница, ако Советот на општината одлучи парите за новогодишно украсување да се наменат за тоа.

Ова е предлогот на поранешниот градоначалник на Општина Ново Село, Петар Спасов што го објави на неговиот Фејсбук профил.

– Ако Советот на општината донесе одлука да не се украсува градот за Нова година, ќе се купи едно болничко комбе со тие средства. Останува да видиме дали овој предлог ќе биде ставен на листата на размислување и остварување, напиша Спасов.

Како што објавивме, деновиве, директорот на струмичката болница преку социјалните мрежи упати апел за донации од граѓаните за да набават комбе за установата. Набргу по објавувањето, веројатно поради интервенции, апелот беше повлечен.

Вчера владејачката партија СДСМ објави соопштение дека „нема да дозволиме градовите да бидат завиени во мрак, на граѓаните им е потребна зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот“.