Членството на С. Македонија во ЕУ во Бугарија секогаш беше претставувано како нејзин стратешки приоритет. И таа секогаш доследно го бранеше. Сега гледаме како самата Бугарија го урива тоа, пишува Даниел Смилов.
Бугарија е на пат да направи стратешка грешка во својата надворешна политика. Со блокирање на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, Бугарија всушност работи против самата себе: ги забавува интеграцијата и поврзувањето на регионот неопходни за сопствениот просперитет, го поддржува антибугарското расположение во соседната земја и паѓа во меѓународна изолација поради нејзината неразбирлива позиција. Дополнително, наместо принципиелна надворешна политика, Бугарија ги претвора своите романтични толкувања на сопствената историја во мерило на нејзините односи со остатокот од светот.
Тоа може да биде популарен став во земјата, но не е работен модел за водење надворешна политика со суверени и рамноправни држави.
На крајот на краиштата, мора да постои одредена дистинкција помеѓу политиката и историјата: ова се различни области од следниве причини:
- Историјата не е прашање на преговори меѓу држави. Вистината не зависи од потписите на владите или од преговорите на меѓувладини комисии.
- Меѓународното право ги регулира основните односи меѓу државите. Во него, државите не си го признаваат една на друга националниот идентитет, националноста, јазикот или религијата. Се признаваат две работи – државност (суверенитет) и влада на државата, доколку не е дојдена на власт по нормалниот уставен ред. Барем од 1648 година (од Вестфалискиот мировен договор) дел од суверенитетот на државата вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира нејзините внатрешни работи: религија, јазик, националност и, соодветно, и образовниот систем, учебници и.т.н. Бугарија ја призна Северна Македонија како суверена држава од 90-тите години на минатиот век;
3. Идејата за заедничка комисија за историски прашања имаше за цел да ги подобри односите меѓу двете земји преку процес на дијалог. Меѓутоа, со фиксирањето на преговорите за заеднички став за сите прашања, ефектот од активноста на оваа комисија почнува да генерира спротивен резултат: тој ги надувува негативните расположенија на обете страни на границата. Силното антибугарско расположение во Македонија е факт кај дел од општеството и медиумите, но барем во моментот земјата има влада што сака да ги подобри односите меѓу нашите земји и да ја внесе Северна Македонија во ЕУ. Блокирањето од страна на Бугарија на преговорите на Северна Македонија само ќе ги ескалира и зајакне негативните ставови таму и ќе ги влоши позициите на добронамерно настроените кон нас кај нашиот сосед. Покрај тоа, Бугарија ризикува да стане најголем „непријател“ на Македонија, што е апсурдно;
- Правната вредност на „договорите“ за историјата е речиси ништожна. Ако бидат прекршени, ќе се судиме ли во Хаг за симболична компензација? Дури и да се потпише таков договор, тој не може да ги обврзува размислувањата и зборувањето на луѓето во Северна Македонија (или кај нас) – сепак, како дел од европскиот простор, принципот на слобода на говор важи за сите нас. Ниту, пак, таквите договори за историјата можат да запрат научни истражувања, што водат до заклучоци, различни од нашите;
- Дури и ако ја принудиме Северна Македонија да потпише нов анекс на договор за историја, идентитет, антибугарски кампањи во медиумите и.т.н., овој договор нема да го промени расположението кон Бугарија во Северна Македонија. Напротив, тоа ќе ги зајакне и ќе ја мобилизира опозицијата против него. На крај тоа може да ја донесе на власт ВМРО-ДПМНЕ, која е всушност главната антибугарска сила;
- Меѓу двете држави постојат многу договори со кои тие се откажуваат од територијални претензии и обврска за недавање државна поддршка на групи и движења кои бараат отцепување – ова е неопходен и добар чекор. Договорите меѓу нас не зборуваат за малцинства и ова е исто така добар пристап – прашањето за малцинствата е внатрешно за секоја земја. Кон тоа се приложени само обврзувачките меѓународни конвенции и други инструменти што важат за нас како дел од Советот на Европа и ЕУ, нема потреба да додаваме ништо преку посебни билатерални договори;
- На долг рок, за Бугарија е важно да има подобрена комуникација со С.Македонија – медиуми, научни конференции и размени, патишта, железници, комуникации. Доколку овие работи станат вообичаени или барем поврзани, постои можност за промена на расположението во Северна Македонија кон Бугарија. Членството на нашиот западен сосед во ЕУ – па дури и самиот преговарачки процес – само ќе ги зголемат можностите за поголема поврзаност меѓу двете земји;
- Бугарската позиција е неразбирлива за светот и привлекува само прекор и потсмев во ЕУ. Грците беа во слична ситуација и едвај успеаја да се извлечат од неа со Договорот од Преспа. Во моментот кога тие го сторија тоа, ние го зазедовме нивното место. Грција не доби ништо од конфронтацијата со Република Македонија. Тешко дека и ние нешто ќе спечалиме. Покрај тоа, Грција не сакаше суверена држава со специфично име до нејзината граница. Ова беше позиција што многумина ја критикуваа, но сепак беше во познатата рамка на меѓународното право – признавање на суверена држава. Ние тестираме нови територии во меѓународното право – непризнавање на идентитетот, јазикот и толкување на историјата на држава, чиј суверенитет веќе сме го признале. Ова е внатрешно контрадикторна позиција – како што кажав, суверенитетот вклучува право на самоопределување за прашањето на идентитетот, јазикот и религијата. А историјата воопшто не е прашање на пазарење;
- Конечно, влезот на Северна Македонија во ЕУ со право беше претставуван како стратешки бугарски приоритет уште од почетокот на транзицијата. И досега секогаш го браневме овој приоритет доследно. Но, во моментот ние самите го поткопуваме.