Исламистичкиот терорист Кујтим Фејзулај, кој на 2 ноември уби четири и повреди повеќе од 20 лица во центарот на Виена, минатата пролет работел во компанија за обезбедување на болници.

Неговиот долгогодишен пријател, кој е во истражен затвор бидејќи е осомничен за соучесништво, рекол дека Фејзулај, за време на првиот карантин во Австрија по почетокот на пандемијата на коронавирусот, бил вработен на минималец, како обезбедување во болница. Тој немал работен однос со болницата, туку со компанијата што ја презела работата за обезбедување на здравствената установа.

Според протоколот на сослушувањето, компанијата што му ја дала работата, преку групата „Ватсап“, на дневна основа организирала луѓе да ги обезбедуваат објектите. Осомничениот исто така рекол дека Фејзулај му понудил да заработи пари со обезбедување на објекти, но тој го одбил.

Локалните медиуми јавија и дека најверојатно е решена мистеријата за тоа како тој стигнал до центарот на Виена – наводно користел „Убер“ за да дојде до местото на злосторството со целото оружје.