Додека не добиеме правни гаранции – и од Скопје и во контекст на процесот на преговори со ЕУ, дека ќе дојде до промена на сегашната политика, ние не можеме да се согласиме на одржување на првата меѓувладина конференција и на старт на преговорите за членство со С. Македонија, изјави денеска бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
– Бугарските национални интереси во РС Македонија се предмет на јавен и политички консензус, пренесувани со генерации во надворешната политика на Бугарија и потврдени во Декларацијата на Народното собрание од 10 октомври 2019 година. Оваа Декларација е пример за континуитет и меѓупартиски консензус со што можат да се пофалат само мал број земји. Тоа ни ја даде потребната политичка тежина со цел самоуверено да го браниме нашиот национален интерес во разговорите со Скопје, нагласиа Захариева во обраќање пред пратениците на бугарското Собрание, кои ги информираше за најновиот развој на настани во односите со земјава.
Како што јави БГНЕС, Захариева истакна дека Бугарија ќе ги вложи сите неопходни напори за „постигнување квалитативно нов почеток во односите“ со земјава, додавајќи дека Софија во нив отсекогаш покажувала „конзистентност, предвидливост, транспарентност и конструктивност“.
– И покрај сите наши манифестации на добрососедство, Скопје не ја смени суштината на својата политика кон Бугарија. Обврските кон нашата земја останаа само декларативни, а во суштина Скопје ја продолжи својата политика за поддршка на неоснованите малцински, историски, јазични и други претензии. Имаме долга листа на примери во кои тие не се придржуваат до потпишаните билатерални документи, рече Захариева од собраниската говорница.
Според неа, луѓето во Македонија „се уште се во машата на тоталитарното размислување“, за што како пример ја посочи, како што рече, „прославата на годишнината од смртта на Тито, организирана од градоначалникот на Скопје“.
– Додека голем дел од другите републики на поранешна Југославија им оддаваат почит на големиот број жртви на режимот на Тито, во Скопје се велича неговото наследство. За жал, оваа идеолошка конструкција, негувана од „длабоката држава“ го заробува општеството, додаде бугарската министерка за надворешни работи.
Како други примери во застојот на односите меѓу двете земји, Захариева посочи наводни „административни пречки за бугарскиот бизнис во Македонија, доцнење на транспортниот коридор број 8, антибугарска реторика во медиумите и искривена медиумска презентација на бугарската позиција“.
– Ја оставме отворена вратата за комуникација и во секој момент сме подготвени за билатерални преговори со РС Македонија, додаде Захариева.