Францускиот претседател, Емануел Макрон, ги повика муслиманските лидери во земјата да подготват своевидна повелба на вредностите што во иднина ќе се почитуваат, а со која исламот се дефинира како аполитичка религија.

Би-Би-Си денеска пренесе дека тој на вчерашната средба со исламските лидери на Францускиот совет на муслиманската вера им дал рок од 15 дена да ја прифатат повелбата, според која исламот е религија, а не политичко движење.

Исто така, во повелбата се наведувало дека е забрането „странско мешање“ со муслиманските групи во Франција, како и обврската за почитување на вредностите на Републиката.

Макрон, исто така, предложил и формирање Национален совет на имами.

Оваа иницијатива и своевиден ултиматум се случува по трите исламистички напади во последниот месец во Франција.

Макрон најави и нови мерки во борбата против, како што во повеќе наврати наведува, „исламистичкиот сепаратизам“ во Франција.