Само неколку часови откако е убиен иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризаде, официјален Техеран побарал од Советот за безбедност на ОН да го осуди убиството, а потоа да преземе мерки против одговорните за извршеното злосторство.
Сепак, дипломатите оценуваат дека е речиси невозможно да биде прифатена иранската иницијатива.
Телото составено од 15 членови на Советот за безбедност на ОН би можело да дискутира во врска со убиството на Фахризаде зад затворени врати, доколку членките се договорат со консензус.
Меѓутоа, амбасадорот на Јужна Африка во ОН, Џери Матјила, кој овој месец претседава со СБ на ОН, изјави дека досега ниту една членка на телото не побарала да се разговара во врска со убиството на иранскиот научник.
Иран минатиот петок испрати писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој одговори со апел за воздржаност и осуда за „кое било убиство“.