Новата Администрација предводена од Џо Бајден и Камала Харис треба да го поткрепи демократскиот и економски развој на земјите од Западен Балкан, како и да дискутира со Брисел во однос на тоа земјите аспиранти за ЕУ од овој регион да не останат во чекалната поради националистички или историски забелешки на соседите. 

Ова денеска беше посочено на сведочење во траење од три и пол часа, на кое учествуваа поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт, Даниел Сервер од Универзитетот Џон Хопкинс и Јануш Бугајски од Фондацијата Џејмстаун, последните двајца долгогодишни аналитичари и добри познавачи на регионот.

Нивните искази бе сослушани од Комитетот за надворешна политика при Претставничкиот дом на САД, а на тема, препораки за Балканот до идната Администрација на новизбраниот претседател Бајден. 

Олбрајт, државна секретарка од 1997 до 2001 година во администрацијата на претседателот Бил Клинтон, укажа дека изминатите две децении американската администрација е вклучена во решавање на отворените прашања на Западен Балкан, меѓу кои и судирот во Косово и постигнувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Со распитот претседаваше конгресменот Елиот Енгел од Њу Џерси, кој се осврна на 30 годишната посветеност на САД на Балканот и неговите заложби и за зголемено присуство и напори што досега ги праве сите американски администрации.

-Мошне сум горд што спречивме геноцид во Европа на крајот од 1990-те годинирече Енгел, потсетувајќи на неговиот ангажман околу Косово и гласноста за тамошните кршења на човековите права на Албанците и бруталноста на режимот од тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Тој истакна дека Косово е една од најпријателските држави на Балканот кон САД, сметајќи ги за ослободители од еден режим од когo многу настрадале.

Сите го истакнаа членството на Македонија во НАТО, како придобивка кон зацврстување на безбедносниот чадор на Балканот. Србија треба да ја покаже европската ориентираност, а не кокетирањето со Кремљ, нагласија говорниците.

-Не смее да се остави политички вакуум на Западниот Балкан за да се овозможи поголемо влијание од Русија и Кина во регионот, истакна Бугајски, потенцирајќи ја потребата од поголемо присуство на САД.

За него, администрација на новоизбраниот претседател Бајден треба да направи патна карта, патоказ кој ќе води кон признавање на независната на Косово од страна на Србија. Тој ја отвори идејата за воведување санкции и замрзнување на сметките на руските олигарси кои што шират руско злонамерно влијание во Република Српска.

Според него, треба да се истражи сомнителното кинеско инвестирање во регионот и кои се намерите зад поголемо влијание од владата во Кина. Во тој контекст, Олбрајт се осврна кон стратегијата која, како што објасни, би се состоела од три дела.

-Потребно е да воспоставиме поцврста соработка со Европската унија во која шест земји од Западниот Балкан сакаат членство. Потребно е да се зголеми соработката против корупцијата која се одразува врз политичките институции и го нарушува владеењето на правото во регионот. Стратегијата треба да помага поединечни држави во реформите и да ги наградува, но и да извршува притисок врз оние кои не спроведуваат реформи, изјави поранешната државна секретарка на сослушувањето.

Според неа, САД презедоа вистинска акција да го спречат крвопролевањето во Косово и во Босна и Херцеговина во 90-тите.

Денес, Балканот е постабилен и има потраен мир отколку пред 25 години. Регионот ги продлабочи односите со САД и се ориентира кон ЕУ. Корупцијата е сериозен проблем, а националистичките лидери и натаму играат на картата на национализмот и ги потпалуваат страстите, наведе таа.

Во овој контекст, Олбрајт се осврна на блокадата на Бугарија врз Македонија за почеток на преговори со ЕУ а на прашање од конгресемнот Грегори Микс, демократ од Њујорк. Прашањето беше: како новата Администрација треба да работи со Брисел за земјите аспиранти во ЕУ да не останат во чекалната поради своите соседи, а со оглед на блокадата што Бугарија ја постави за Македонија поради прашања за националноста и јазикот. Таа рече дека новата Администрација треба да работи посветено на ова прашање. 

-Мислам дека е севкупна трагедија тоа што после долгото време потрошено на решавање на прашањето за името со Грците, Бугарите, за ќарување поени на домашната политичка сцена, истакнаа такви барања за С. Македонија, и затоа треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ, изјави таа. 

-Фактот дека Грците успееја да дојдат до договор, а на ова се потроши толку многу време и се работеше толку напорно, мислам дека е трагедија, и тоа севкупна, тоа што Бугарите, заради домашна политика, го истакнуваат сега ова, изјави Олбрајт.

Додаде дека сега треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ. 

-Мислам дека тоа е многу важно прашање што ги подвлекува нашите напори на Балканот, а тоа е да постои соработка на економски и политички план, изјави таа. 

Аналитичарот Даниел Сервер оцени дека „новоизбраниот претседател Бајден треба да се консултира со сојузниците од ЕУ за да ги координираат напорите за приближување на пост-дејтонска Босна и Западен Балкан воопшто, до ЕУ.