Сега е моментот да покажеме дали ние, како Европа, навистина сме кредибилни за она што ние самите сме се договориле, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред почетокот на Самитот на ЕУ во Брисел во однос на претстојната дискусија за односите со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно додаде дека за ситуацијата во Источниот Медитеран и во односите со Турција станува збор за „кредибилитетот на Европската унија“ и истакна дека договорите мора да се исполнуваат, користејќи го латинското „Pacta sunt servanda“.
-На октомврискиот Европски совет сите шефови на држави и влади одлучивме дека во случај Турција да продолжи со нејзиното агресивно однесување, ќе има последици. Заеднички се согласивме дека одлуките ќе бидат донесени на европскиот самит во декември, на овој европски самит. Сега е моментот да покажеме дали ние, како Европа, навистина сме кредибилни за она што ние самите сме се договориле. Pacta sunt servanda, истакна Мицотакис
Грчкиот премиер рече дека на денешната агенда, меѓу другото, е и ветото на Унгарија и Полска за буџетот и Фондот за закрепнување, за кое оцени дека може денеска да се најде решение.