Американската агенција за храна и лекови (ФДА) издаде дозвола за итна употреба на вакцината против Ковид-19 од американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и германската „Бионтек“.
Си-Ен-Ен потсетува дека оваа вакцина покажала ефикасност од 95 отсто, дека првите вакцинации ќе започнат во наредните денови и дека терминот „за итна употреба“ значи дека може да се користи во итни ситуации, но дека сè уште нема целосен сертификат и целосно одобрување од властите, за што „Фајзер“ ќе треба да достави посебно барање до ФДА.
Пред почетокот на масовната вакцинација, Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) и Советодавниот одбор за превенција и имунизација на САД мора да дадат препорака по што ЦДЦ ја усвојува последната препорака и дава зелено светло за да започне вакцинацијата на населението.
Вакцинацијата се очекува да ја смени пандемијата во САД, каде досега починаа повеќе од 295.000 пациенти од коронавирусот.
„Ова е уште еден чекор во низата чекори што водат до крајот на оваа пандемија“, рече Амеж Адаља од одделот за здравствена безбедност на Универзитетот „Џонсон Хопкинс“.
Покрај Велика Британија, која прва одобри употреба на вакцината на „Фајзер“, официјални лиценци за употреба на оваа вакцина се издадени во Мексико, Бахреин и Саудиска Арабија.