Кодот од 340 карактери е „сразбиен“ 51 година откако таканаречениот Зодијак убиец, наводно, го испратил до Сан Франциско кроникл, потврди ФБИ.
Убиецот, кој никогаш не беше фатен, убил пет лица со нож и огнено оружје во областа на заливот Сан Франциско кон крајот на 1960-тите, потсетува Би Би Си.
„Се надевам дека се забавувате обидувајќи се да ме фатите. Не се плашам од гасна комора, бидејќи тие ќе ме испратат во рајот пред тоа, затоа што сега имам доволно робови за да работам за мене”, се вели во пораката, која не фрла светло на идентитет на убиецот.
Пораката беше една од неколкуте испратени до весникот за време на убиствата.
Во видеото што го објави на Јутјуб, дизајнерот од Вирџинија, Дејвид Оранчак вели дека го разбил кодот заедно со австралискиот математичар Сем Блејк и Белгиецот Јарл ван Ејк, управител на магацин и софтверски инженер за разбивање кодови.
Тимот, кој користеше човечка генијалност и софтвер за да ја дешифрира пораката, ги посвети своите напори на жртвите и роднините на убиените.
Според „Сан Франциско кроникл“, ова не е прва кодирана порака која му се припишува на убиецот. Треба да се декодираат уште две – од кои едната може да го содржи името на убиецот.
Серијата убиства започнаа во декември 1968 година, кога маж и жена беа убиени во нивниот автомобил. Во јули 1969 година, друг маж и жена биле ранети, таа им подлегнала на повредите, а тој преживеал.
Подоцна истата година, еден пар беше прободен со нож покрај езеро – и човекот преживеа. Во октомври 1969 година, еден таксист беше убиен во Сан Франциско.
Убиецот, кој никогаш не бил обвинет или идентификуван, во писмо до весникот тврди дека убил 37 лица, но истражителите работеле врз основа на вкупно седум жртви, од кои петмина биле убиени.
Убиствата инспирираа два филма – Зодијак, со Роберт Дауни Jуниор, и Валканиот Хари во 1971 година, со Клинт Иствуд во улога на детектив во Сан Франциско.