Комисијата за заразни болести денеска се очекува да расправа дали за празниците ќе бидат воведени нови рестриктивни мерки и промени во однос на работата на угостителските објекти со цел да се спречи натамошно ширење на вирусот Ковид-19.
Независната угостителска комора (НУК) вчера сооопшти дека доставила официјално барање до Комисијата за заразни болести за учество на работниот состанок.
– Со нашето учество бараме да ни се овозможи да ги слушнеме грижите и оправдувањата на членовите на Комисијата за заразни болести поради кои сака да ги усвои најавените рестриктивни мерки и истовремено да ни дозволи и овозможи пред истите да ги достави до Владата и да ги објави да ни овозможи да укажеме за нивните недоследности, нелогичности, очекувани негативни ефекти и општествени последици не само за сите угостители и целокупната угостителска индустрија, туку и за сите граѓани на нашата држава, велат од НУК.
Од Министерството за здравство вчера информираа дека во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 813 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, како и дека има слободни кревети.
– Во болницата во Битола се хоспитализирани 73 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во Штип 56 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 41 пациент, во Велес се лекуваат 55 болни, а во Куманово 110 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 105 пациенти, во Прилеп 94, во ковид центарот во Гостивар 61, а во Струга 38 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 72 пациент, во Кочани 12 во Кичево 10, Кавадарци 55, во Гевгелија 21 лице, а во Дебар 10 позитивни и суспектни на корона вирусот.
Од вкупниот број на болнички кревети во ковид центрите низ државата од Министерството за здравство, посочија дека 200 болнички кревети се слободни. Додека во ковид центрите во главниот град заклучно со вчерашниот ден се лекуват 491 лице, сомнителни и позитивни на Ковид-19.
Според статистиката на Министерството за здравство што беше објавена синоќа за претходното деноноќие, од вкупно 1837 тестирања се регистрирани 613 нови случаи на Ковид-19, оздралеве 668 оздравени пациенти и 25 починати.
Најголемиот број на новозаразени се во Скопје, вкупно 204 лица, по што следат Кавадарци со 38, Куманово-35, Тетово-29, Прилеп и Охрид со по 27, Гостивар и Велес по 24, Битола-23, Штип-20,Гевгелија и Струга по 19. По 15 новозаразени има во Неготино и во Свети Николе, 12 во Берово, 11 во Кочани и во Кичево, девет во Струмица, по осум во Крива Паланка и Радовиш, седум во Ресен, четири во Делчево, три во Пробиштип, по два во Валандово и Македонски брод, по еден во пехчево и Виница.
Во меѓувреме здравствените власти ги продолжија подготовките за вакцинацијата против вирусот, а министерот за здравство Венко Филипче во видео обраќање им порача на граѓaните дека вакцините против коронавирусот се безбедни, се развиваат на веќе проверени платформи и истите се единствен начин да ја победиме пандемијата. Информираше дека Владата ќе обезбеди доволен број вакцини за да се вакцинира 60 до 70 проценти од населението, колку што е потребно за да се стекне колективен имунитет.
-Вакцините се развиени по безбедносни протоколи и процедури кои што компаниите за производство на вакцини години наназад ги користат. Благодарение на вакцините во светот се искоренети многу болести како паротитот, полиото и морбилите, истакна Филипче.
Тој вчера посети дел од економските оператори кај кои ќе се чува вакцината против Ковид-19.
– Операторите во своите постоечки капацитети имаат комори и ладни соби од 0 до 8 степени целзиусови, како и фрижидери до минус 20 степени целзиусови, како и возила со ладилници како би го запазиле „ладниот синџир“ при дистрбуција на вакцините, информираше Министерството за здравство најавувајќи дека операторите ќе ги снабди со фрижидери до минус 70 степени целзиусови кои во земјава ќе пристигнат кон средината на јануари.
Вакцинацијата ќе се врши во веќе постоечките вакцинални пунктовите односно во здравствените установи низ државата. Сите вакцини за Ковид-19 се безбедни и ќе бидат бесплати за граѓаните, истакнаа од Министерството за здравство.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 73638, бројката на оздравени пациенти е 49.414, на починати е 2.121, а бројот на активни случаи изнесува 22.103.