Одговарајќи на новинарски прашања по денешниот отчет за 100 дена влада, Зоран Заев рече дека Бугарија прашањето за малцинските права го вади на површина заради тоа што беше отворена една постапка во Советот на Европа, односно во Европскиот парламент кое што само по себе потврдува загриженост од нивна страна дека имало мешање од наша страна, од нашата држава или од некои институции што воопшто не е точно.
-Ние тоа го декларираме постојано. Дел од Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Бугарија е меѓусебно реципрочно немешање во внатрешните работи, вклучително секако и малцински права заради тоа што тоа е меѓународно уредено. И ние така го имаме уредено, и Бугарија, и сите земји коишто се членки на НАТО, на ЕУ, на ООН итн. И затоа многу често не можеме да ја сфатиме содржината. Јавно зборувам и отворено кажувам дека ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме. Впрочем ниту една влада нас ни се мешала иако некои покажуваа мускули на такви прашања заради тоа што не е на државите да се мешат во работи коишто се однесуваат на граѓани на туѓа држава, затоа што тоа е меѓународно регулирано, рече Заев.
Тој нагласи дека разговорите со Бугарија мора да продолжат час поскоро и ова да се надмине подвелкувајќи дека и дополнително за тоа дека немаме територијални претензии е дека избравме Бугарија да биде втората земја која што согласно НАТО-критериумите ќе го штити македонското небо, и покрај пријателска понуда и од пријателска Турција и од пријателска Италија.
-Сакаат да го потврдиме во нота – ќе го потврдиме во нота. Сакаат да го потврдиме во еден меморандум, во една изјава, во една декларација, во еден протокол, што и да е, којшто би можел да биде усвоен и на меѓувладина конференција од Владата, потврдено. Тие беа двете прашања коишто мојот пријател и премиер на Бугарија Бојко Борисов ги адресираше отворено на тоа транспарентно објавено интервју. Тоа е тоа што и нашиот специјален претставник Бучковски го пренесува. Денеска имаме и координација специјално на оваа тема. Целта е навистина ако тој ги потенцираше овие две работи, ние сме подготвени веднаш да ги адресираме, продолжуваме понатаму и преку акциониот план и преку охрабрување на историската комисија односно историско-образовната комисија, нашите историчари и бугарските историчари да продолжат да ги решаваат овие прашања, рече премиерот.
Тој додаде дека акциониот план опфаќа многу повеќе работи, не само инфраструктурата на Коридорот 8, туку и граничните премини, и образованието, и културата и младите и спортот, и здравството и сите други области на коишто можеме да унапредиме соработка.
-Затоа велам, не гледам нешто што не е исполнето од наша страна. Можеби има незадоволство заради динамиката на исполнување на Договорот. Ние сме задоволни од динамиката имајќи во предвид дека 20 месеци работи на комисијата, имаме успеси постигнато многу повеќе од кои било други земји. Коридорот 8 се гради сериозно, експресниот пат, автопатиштата и патиштата регионални по Коридорот 8 -1, 8 -2 и 8 -3 како што се по вертикала не поврзуваат со Бугарија. Точно е дека имаме еден кабаетлук на железничката пруга, не е со предвиденото темпо, изградена е некаде 51 отсто, а требало да биде преку 80 отсто, но очекуваме и од бугарската страна да почне да се гради пругата. Така што јас верувам дека Договорот треба да го исполнуваме и двете страни, а значајната обврска преземена од Бугарија во членот 2 е да ја поддржува Република Македонија во интеграциите во ЕУ, рече премиерот Заев.