Нашата мајка секое утро плаче кога ги гледа утринските емисии и слуша се што зборуваат за Зоки, вели Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, во интервју за Слободен печат.
– Брат ми е многу толерантен и премногу мек во однос на политичките случувања со Бугарија. Ми смета тоа што не реагира на многу провокации од источниот сосед. Знам дека и тој се согласува со моите ставови дека не треба да биде толку мек, но ја гледа големата слика, има информации повеќе од нас, и затоа води таква политика. А, со тоа како ја води политиката се согласувам целосно затоа што дава резултат. Со потезите што ги прави и со Грција и со Бугарија ја става на ризик и сопствената и семејната кариера, но храбар е и тоа треба да се цени, вели Вице Заев.
Тој додава дека е храбар и дека не се плаши од никого, иако имало закани по социјалните мрежи.
– Сепак, нашата мајка секое утро плаче кога ги гледа утринските емисии и слуша се што зборуваат за Зоки. Не читам што пишуваат за мене и за брат ми на социјалните мрежи, јас не користам социјални мрежи, вели Вице Заев.
Братот на премиерот Заев негира дека тие поседуваат плантажи со марихуана:
– Фабриките за производство на канабис во Свети Николе и во Валандово се во сопственост на моите двајца братучеди. Ниту јас, ниту брат ми, Зоран Заев немаме лиценца за одгледување и производство на канабис. Немаме ниту личен дел во фирмите на братучедите. Дури и тие не се сто проценти газди, имаат партнери од Холандија, Германија и Израел. Не сум безгрешен, ама 90 проценти од работите што ми се ставаат на товар не се точни. Самиот факт што никој не се пожалил дека некого сум рекетирал, дека сум влегол во нечиј бизнис или сум му земал нешто што не ми следува зборува дека јас не сум престапник на законот. И тоа што се зборувало е на база на шпекулација, докази нема. Никогаш не „фаќам врски“. Пред некое време ме казни полиција за неносење маска, и најрегуларно си ја платив, тврди Вице, братот на премиерот.
Тој во интервјуто говори дека неговата фамилија е многу хумана. Вице Заев откри дека негови фирми се Тотал инженеринг и Тотал електрик додека останатите Ева стајл, Тргопродукт (мајка фирма на Мамас), Еленица, финансиско друштво Пеон, брокерско друштво Пеон, и неколку оранжерии ги раководат останатите членови на семејството.
Вице вели дека многу сака да пешачи, а дека најголема желба му е неговите деца да останат во Македонија и да ги продолжат бизнисите. А тој не планирал да се вклучува во политиката. Заев.