Само десет отсто од Грците не изразуваат загриженост за пандемијата во земјата, а седум од десет анкетирани рекле дека ќе се вакцинираат за Ковид-19, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за телевизијата „Скај“ , јави дописничката на МИА од Атина.
Од анкетираните, 76 отсто рекле дека се многу или доста загрижени за пандемијата во Грција, а 67 проценти сигурно или најверојатно ќе се вакцинираат.
Тројца од десет Грци одговориле дека веројатно или сигурно нема да ја примат вакцината, додека пак само четири отсто не знаат.
На прашањето кога ќе се вакцинираат, 36 отсто рекле што е можно поскоро, 21 процент во првите два до три месеци, а 24 проценти одговориле подоцна, а 15 отсто никогаш.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено во два периоди од 12 до 14 декември и од 14 до 16 декември со учество на вкупно 2.418 лица со право на глас.