Околу 7,35 милијарди евра ќе и бидат потребни на Африка за да купи доволно вакцини против Ковид-19 за да се запре пандемијата на континентот, но пристапот до вакцините во глобалната трка за снабдување ќе биде уште поголем проблем, соопшти Африканската увоз-извоз банка (Афрексимбанк).

Главниот економист од Афрексимбанк, Хиполит Фофак изјави дека таа и другите финансиски институции за развој работат заедно со африканските центри за контрола и превенција на болести за да обезбедат вакцини против Ковид-19. Сепак, тој наведува дека африканските земји не можат да се натпреваруваат со побогатите влади кои обезбедија огромни дози на вакцини.

Доколку снабдувањето со вакцини беше оставено на пазарот, многу земји во развој би добиле многу мали количини, вклучително и оние на африканскиот континент, тврди Фофак, додавајќи дека главното ограничување е понудата на вакцини.

Тој посочува дека дури и ако Африка има на располагање 100 милијарди долари за набавка на вакцини, сепак нема да може да обезбедат доволно дози и дека африканските земји ќе треба да бараат од богатите влади дополнителни вакцини.

Афрексимбанк проценува дека на Африка ќе и бидат потребни околу 4,74 милијарди евра (5,8 милијарди долари) за да купи вакцини и околу 2,9 милијарди евра (3,3 милијарди долари) за да ги испорача со цел да вакцинира најмалку 60 проценти од 1,3 милијарди Африканци, почнувајќи од следната година.

Фофак наведува дека се надева дека вакцинацијата во Африка ќе започне во вториот квартал на 2021 година.