Германската канцеларка Ангела Меркел во своето последно новогодишно обраќање пред граѓаните како шеф на германската Влада, им се заблагодари на своите сонародници за напорите во борбата против коронавирусот. Оваа 2020 година стана година во која многу луѓе се надминаа себеси, се наведува во денеска објавеното обраќање.

Меркел им се заблагодари на Германците за трпеливоста и дисциплината за време на пандемијата, ги осуди корона-скептиците и повика да не се забораваат задачите како што е заштита на климата.

Канцеларката посвети посебно внимание на заслугите на вработените во здравствените установи, домовите за стари и изнемоштени лица и припадниците на вооружените сили. И покрај пандемијата, животот беше можен благодарение на напорите на многу луѓе – во супермаркетите и товарните возила, во поштите, јавниот превоз, полициските станици, училиштата и градинките, црквите и медиумите, потсети Меркел.

Таа смета дека „борбата против пандемијата на коронавирусот е задача на векот на политички, социјален и економски план“.

– Зимата ќе биде тешка и сите мора да придонесат за да се ограничи пандемијата, рече Меркел.

Таа им се заблагодари на Германците за дисциплинираното носење маски и одржувањето дистанца. Вниманието кон другите и здравиот разум се знаци на хуманост, нагласи канцеларката.

– Надежта за завршување на кризата со коронавирусот „доби физиономија“ пред неколку дена кога почна вакцинацијата на населението. Секој ден се повеќе луѓе се вакцинираат, а постепено ќе се додаваат други возрасни и професионални групи сè додека конечно не се стигне до сите што сакаат да го сторат тоа, нагласи Меркел, додавајќи дека таа ќе биде вакцинирана кога ќе дојде нејзиниот ред.

Таа ги критикуваше скептиците на коронавирусот. Теориите на заговор не се само лажни и опасни, туку се и цинични и сурови кон оние кои ги изгубиле своите најблиски во пандемијата, истакна таа.

– Германија не треба да ги заборави и другите задачи, бидејќи коронавирусот нема да биде централна тема следната година. Светот брзо се менува, затоа Германија мора „да развие смели идеи со сета своја моќ и креативност“ за иднината, на пример во областа на економијата и нејзиното позитивно влијание врз климата, рече канцеларката.

– Во последните 15 години, никогаш не сме ја чувствувале годината што заминува толку тешко, и никогаш, и покрај неизвесноста од опасностите и скептицизмот, со толкава надеж не сме гледале кон Новата година, заклучи Меркел во своето новогодишно обраќање.