Под посебни превентивни мерки, со задолжителна употреба на маска, како за учениците, така и за наставниците, утрово основците во Грција се вратија во училишните клупи по пауза од речиси два месеци, јави дописничката на МИА од Атина.
Воведена е можноста за флексибилно време за почеток на наставата, различни големи одмори, отворање на повеќе од еден влез во училиштата за да се избегне создавање гужва како меѓу учениците, така и меѓу родителите и старателите.
Училниците се опремени со антисептици, а предвидено и често проветрување на просториите.
Освен основните училишта, денеска се отворија и забавиштата и градинките.
Министерката за образование на Грција Ники Керамеос, утрово рече дека училиштата се природната средина за учениците, а ништо не може да ја замени наставата со физичко присуство.
Средношколците, од петокот продолжија со онлајн настава, планирано е во следниот период да се разгледа можноста и тие да се вратат во училишните клупи, а минатата седмица беше соопштено намалување на материјалот за државниот испит за матурантите.
За просветните работници веќе функционира специјална платформа за бесплатно и доброволно тестирање за Ковид-19.
Со воведувањето на карантинот во Грција на 7 ноември, училиштата и забавиштата продолжија со настава, меѓутоа една седмица подоцна и тие беа затворени по препорака на Комисијата на епидемиолози и за да се намали раздвиженоста на возрасните.
Професорката Вана Папаевангелу, која е член на Комисијата, во петокот рече дека училиштата треба да бидат последни што се затвораат, а први што се отвораат.