Партијата „Нур Отан“, предводена од влијателниот поранешен претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, убедливо  победи на вчерашните парламентарни избори, освојувајќи речиси 72 проценти од гласовите, покажаа резултатите од истражувањето на јавното мислење, пренесуваат британските медиуми.

На изборите излегоа пет од вкупно шесте пријавени политички партии, а за бојкот се долучи само опозициската Национал-социјалдемократска партија, пренесе ТАСС.

На списоците на петте партии учеснички имаше вкупно 312 кандидати, вклучувајќи и жени, бидејќи во новата регулатива е предвидено најмалку 30 проценти од кандидатите да бидат жени или лица на возраст под 29 години.

На овие избори учествуваа вкупно 34 членови на парламентот од претходниот мандат.

Меѓутоа, во главниот град Нур Султан и Алмати синоќа беа приведени неколку десетици лица кои протестираа против вчерашните избори во земјата, што се одржаа без учество на опозицијата. Приведените беа ослободени по неколку часа.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Аристангани Запаров, синоќа изјави дека сите приведени се ослободени без обвиненија.