Куба смета дека е лицемерен потегот на САД да ги додаде на листата на земји кои го спонзорираат тероризмот, изјави синоќа кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез Парила.
“Ние ја осудуваме лицемерната и цинична одлука на САД да ја обележат Куба како држава што го спонзорира тероризмот. Сите оние кои се искрени во врска со проблемот со тероризмот сметаат дека овој потег е политички опортунизам”, напиша министерот на Твитер.
Администрацијата на Трамп во заминување вчера ја стави Куба на списокот на земји кои помагаат на меѓународниот тероризам, потсети Тасс.
САД ја обвинуваат Хавана за одбивањето да ги екстрадира водачите на колумбиската левичарска револуционерна вооружена група.
Во моментов, покрај Куба, САД означија уште три други земји кои го поддржуваат тероризмот: Иран, Северна Кореја и Сирија.
Односите меѓу САД и Куба се влошени од 1961 година како одговор на национализацијата на американската сопственост на островот, а Вашингтон подоцна возврати со трговски и економски санкции против Хавана.
Поранешниот американски претседател Барак Обама во 2014 година призна дека претходната политика кон Куба не функционира и најави нов пристап кон оваа латиноамериканска земја, со ублажување на санкциите.
Со доаѓањето на Трамп, Америка зазеде поцврст став кон Куба, а новоизбраниот претседател Џозеф Бајден го критикуваше Трамп за неговата политика кон Хавана, додава Тасс.