Потребна е поголема заштита за работниците кои работат од дома, а чиј број значително се зголеми по ширењето на пандемијата предизвикана од Ковид -19, оценува Меѓународната организација на трудот (МОТ) во најновиот извештај.

Според МОТ, драстичниот пораст на работењето од дома ги истакнал лошите работни услови со кои се соочуваат работниците кои работат од дома. Всушност, работата од дома најчесто е „невидлива“ и овие работници  се соочуваат со поголеми безбедносни и здравствени ризици. Имаат помали можности за пристап до обуки што влијае на нивниот кариерен напредок, немаат исто ниво на социјална заштита како другите вработени и има помала веројатност да се дел од синдикат или да се опфатени со колективен договор. 

Работата од дома се одвива во приватноста на домот и затоа честопати е „невидлива“. На пример, во земји со низок и среден приход, речиси сите работници што работат од дома (90 проценти) работат неформално. Работниците кои работат од дома вообичаено се соочуваат со полоши услови од оние кои работат надвор од домот, дури и во професии со високи квалификации. Работниците кои работат од дома во просек заработуваат 13 проценти помалку во Обединетото Кралство, 22 проценти помалку во Соединетите Американски Држави, 25 проценти помалку во Јужна Африка и околу 50 проценти помалку во Аргентина, Индија и Мексико, посочува МОТ.

Според процената на МОТ, пред кризата предизвикана од КОВИД-19, во светот имало околу 260 милиони работници кои работеле од дома, што претставува 7,9 проценти од глобалната вработеност, а 56 процентни од нив или 147 милиони биле жени.

Проценките се дека од првите месеци на пандемијата, еден на секој петти работник работел од дома, а се очекува и во следните години да продолжи зголемувањето на бројот на работници кои ќе работат од дома.

– Работењето од дома честопати не е доволно регулирано, а усогласеноста со постоечките закони и понатаму претставува предизвик. Во голем број случаи, работниците од дома се класифицираат како независни изведувачи и следствено се исклучени од опфатот на трудовото законодавство, се вели во извештајот.

Само 10 земји-членки на МОТ ја имаат ратификувано Конвенцијата 177, која промовира еднаков третман на работниците од дома и другите приматели на плата, а само неколку земји имаат сеопфатна политика за работење од дома.

Извештајот содржи и конкретни препораки со кои се дава поголема видливост на работата од дома, а со тоа и подобра заштита на овие работници. Една од препораките е владите во соработка со работодавачите и работниците заеднички да работат за да може работниците кои работат од дома да преминат од невидливиот сектор кон достоинствена работа.