Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека во текот на изминатите 18 години неговата земја инвестирала околу три милијарди евра во проекти за дистрибуција на природен гас.
-Инвестициите во топлинска и геотермална енергија сигурно ќе дадат значителен придонес во снабдувањето со енергија на нашата земја, рече Ердоган вчера преку видео-конференциска врска на церемонијата на отворање на проектот за енергија и природни ресурси во Маниса.
Тој истакна дека станува збор за многу важен проект за четири електрани што ќе биде многу корисен за цела Турција, пренесе агенцијата Анадолија.
-За 18 години тројно го зголемивме количеството произведена електрична енергија, на 96.000 мегавати, што е важно за целокупниот напредок на Турција, рече Ердоган.
Тој додаде дека целта на Турција е да биде водечка земја, не само во производството, туку и во технологиите за обновлива енергија.
-Пред да дојдеме на власт, само пет големи градови имаа природен гас, и го проширивме на 81 града, во сите наши градови. До крајот на 2020 година, развивме дистрибутивна мрежа од 153.000 километри, рече Ердоган.
Денеска околу 68 милиони луѓе во Турција имаат можност да користат природен гас, рече турскиот претседател.