Британскиот дневен весник „Дејли експрес“ објави напис за бројот на албанските граѓани во англиските затвори, наведувајќи дека е во постојан раст.

-Албанците сега се најголемата група странци во англските затвори, како последица на тоа што албанските криминалци ја презедоа контролата врз трговијата со дрога, стои во написот под наслов „Албанските гангстери ги „преплавија“ британските затворски ќелии“.

Според весникот, на кој се повикува Топ чанел телевизија, бројот на Албанците во тамошните затвори, пораснал од 355 во 2014 на 1.023 на почетокот од оваа година.

Тоа значи, се додава, дека приближно 12 Албанци секој месец во последните шест години биле осудувани од тамошните судови.

-Според Министерството за правда, овие податоци покажуваат дека Албанците во затворите во Англија и Велс го сочинуваат најголем број од странските државјани, бидејќи доаѓаат од мала посткомунистичка земја со 2,8 милиони жители, пишува „Дејли Експрес“.

Дејвид Спенсер, од Центарот за спречување на криминалот за весникот изјавил дека бројките покажуваат масовно зголемување на албанските криминалци во англиските затвори и оти ова е силен показател дека тие се во срцето на спиралата на проблемиката со дрогата.

-Ова е прашање на кое полицијата и Министерството за внатрешни работи треба да му дадат приоритет со цел да се минимизира нивната улога, смета Спенсер.

Пренесувајќи ја веста, порталот „Албеу“ наведува дека во последната деценија Велика Британија е омилена дестинација за младите Албанци, каде најчесто пристигнуваат нелегално.

-Младите бегаат од Албанија за подобар живот, но за жал тие ги полнат англиските затвори, како сторители на тешки кривични дела, главно трговија со тешки дроги, констатира „Албеу“.