Британската Влада денеска ќе го објави планот за ограничен хотелски карантин за Британците кои се враќаат од 30 земји со висок ризик, опфатени со забраната за патување поради Ковид 19, пишува британски „Тајмс“.
Британските медиуми јавуваат дека станува збор за земјите од Јужна Америка, Португалија, Зелено’ртски Острови и Јужна Африка, пренесува Ројтерс.
Премиерот Борис Џонсон го одби повикот на министерката за внатрешни работи, Прити Пател, за привремено затворање на границите, објави „Тајмс“, додавајќи дека Пател побарала забрана за патувања за да се запре пренесувањето на потенцијално отпорните видови на коронавирус во земјата.
Британскиот премиер претходно соопшти дека се разгледува можноста за воведување карантински хотели за оние лица кои доаѓаат во Велика Британија, а со цел да се спречи ризикот од влегување на новите мутирани видови на коронавирус во земјата.
Првите луѓе на авиокомпаниите, вклучувајќи ги и „Бритиш ервејз“, Вирџин Атлантик“ и „Изи џет“, веќе излегоа со критика на таквиот план за некои или сите пристигнувања во Велика Британија и побараа пакет економска поддршка.
Велика Британија во јануари претрпе драстично зголемување на инфекциите и смртните случаи од Ковид- 19, делумно поттикнати од новата, позаразна мутација на вирусот, што прво беше идентификувана во југо-источна Англија, соопштија британските медиуми.