СИЛЈАНОВСКА ЗА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА МАРИЧИЌ И НИКОЛОВСКИ: Ваков фенемен можете да најдете само во „Пеколот“ на Алигиери

/ 01.02.2021

Сакам да Ве информирам за покренувањето на интерпелација за двајца членови на Владата. За господинот Љупчо Николовски како заменик на претседателот на Владата за борба против корупција за одржлив развој и човечки ресурси и за министерот за правда, господинот Бојан Маричиќ, изјави денеска Гордана Силјановска Давкова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Сведоци сме деновиве на засилена „сеизмичка активност“ во Македонија, секој ден има „земјотреси“ но соочени сме и со еден со сила на земјотрес, шок кој што дојде од Транспаренси Интернешанал бидејќи да се најдете на 111-то место на листата на корупција значи да бидете во слободен пад, значи да се одвоите, тектонски, од европското политичко, демократски и правно тло и да се преселите во Евроазија и Африка во друштво на Монголија, Панама, Сиера Леоне. Можеби е ова момент за катарза. Зошто го велам ова? Бидејќи сличен феномен може само во литературата да најдете кај Данте Алигери во Пеколот. Зошто ги посочив двете личности како најодговорни за корупцискиот жив песок во кој што тонеме, како веројатно најкорумпираната европска држава и една од најкорумпираните во светот. Од следниве причини. Ние сме редок пример на Влада во која што има министер со посебна одговорност да се бори со корупцијата. Во случајот ако сме на 111 место, формирањето на посебното министерство за мене е институционален илузионизам. Мислите дека ако формирате институција, проблемот сам од себе ќе се реши? Кога е во прашање пак министерот за правда, во случајов низ призма на ова срамно место, министер за неправда, тогаш исто така се поставува прашањето, како е можно да не се предвиди овој настан бидејќи ништо не настанува од вчера за денес, може да се види во овие четири години како се продлабочувала корупцијата, вели Силјановска Давкова.

Таа додава дека сега еден министер за правда честопати ги посочува законите, мислењата на Венецијанската комисија, но според неа тоа е правен илузионизам, дека ако преземет членови од другите европски регулативи со тоа сте го решиле проблемот.

-Да заклучам, корупцијата е системски феномен во оваа држава, не е врзана само за психологијата на сторителите, најмалку туку социјалниот и политичкиот амбиент креираат и поддржуваат корупција. Ние сме сведоци на постојано толерирање на концептот што се вика владеење на луѓе, личности наместо владеење на законите. Зошто? Затоа што имаме филозофија на несанкционирање. Тогаш, таквата филозофија стимулира корупција и криминал. Филозофија на непокренување или неодговарање на иницијативите на специјализираниот орган за борба со антикорупција, Државната комисија за антикорупција која што отворено кажува дека само една третина од нејзините иницијативи се процесуирани.

-Ние имаме држава која што се нарекува партиска во која што статусот се заслужува, не со знаење, не со интегритет, не со дигнитет, не на конкурс туку со партизација и политизација. Државната и јавната администрација наместо да бидат санкционирани бројни директори на агенции, на регулаторни тела, на јавни претпријатија само ја сменија локацијата. Во друга држава тие би ја изгубиле можноста за определено време да ја вршат оваа функција. Да не зборувам за предупредувањата од кои последното неодамна на холандскиот амбасадор кој точно ја детектира нашата „Ахилова пета“. Не, добрососедските односи туку корупцијата и криминалот. Најважниот елемент на првиот кластер е владеење на правото, најважниот копенхагшки критериум е владеење на правото, а него го нема. Сите се изнаслушавме деновиве со право, колку случаи на висока корупција воопшто не само што не се санкционирани туку не се ни споменувани бидејќи не би верувале дека феноменот на господинот Бојан Јовановски е тој кој што е креаторот на аферата Рекет, дека Рекет не е систем или мрежа или да не бројам за господинот Ден Дончев и слично. Додадете го на тоа актуелниот амбиент, Јавна соба, каде може да се случи ваков феномен, меѓутоа исто така морам да кажам дека и протестите деновиве во случајот Монструм, еден случај што јас го викам како процесот Кавка, исто внесоа големи дилеми од типот, дали тоа не е притисок врз судот? А ќе се сетите дека нашиот премиер дури во интервју изјави дека невини луѓе лежат во затвор, дека тоа не треба да се дозволи. Тоа значи дека политиката излезе од границите на правото бидејќи во поделбата на власта, Владата не смее да се меша во судската функција ниту во функцијата на законодавното тело и мора да постојат спреги и кочници, а вие медиумите ја имате клучната улога во креирањето на јавното мислење, вели Силјановска Давкова.

Таа додава дека да не беше информацијата од Транспаренси Интернешанал и да се раководела од прочитаното, чуеното и напишаното во нашата земја, немало да очекува ваква катаклизма. Тоа значи дека и најважниот фактор во демократијата, медиумите како еден критичен прецизен микроскоп, како непослушни, исто така придонеле на свој начин во креирањето на една слика која што не одговара на реалноста.

-Ако нешто шокира најмногу, тоа е изјавата на министериот кој што треба да се справува со корупција. Замислете значи, перцепција била тоа небаре граѓаните перцепциите ги градат како социјална фантастика, а не грубата реалност која што секој ден ја доградува и зацврстува перцепцијата за едно од најкорумпираните општества. Без одговорност нема правна држава. Одговорноста може овие министри да ја сфатат како објективна, значи тоа се случило во време кога тие биле персонификација за правна држава, а не биле. Не говорам за субјективна одговорност, таа ќе се утврди на друг начин, но тоа може да биде почеток на системското решавање на корупцијата почнувајќи од правното образование па до санкционирањето. Затоа јас мислам дека би било најдобро наместо постапка за интерпелација, ние да доживееме оставки како еден чин на катарза од страна на двајцата министри, вели Силјановска Давкова.

 


Од истата категорија