На денешното рочиште за наводните организатори на настаните од 27 април во 2017 година, свој исказ даде и македонскиот ракометен репрезентативец Борко Ристовски.

Тој истакна дека во тој период не живеел во земјата поради неговиот клупски ангажман во странство, за случувањата во земјата се информирал преку интернет, а социјалните мрежи ги користел за морална поддршка како Македонец.

– Ниту ги познавам Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, ниту ме контактирале. На социјалните мрежи давава само морална поддршка, како Македонец, рече Борко Ристовски.

Денеска сведочеше и Тони Михајловски кој истакна дека учествувал за одбрана на иметот и идентитетот, чија распродажба денес се случува. Ниту имал контакти со обвинетите, ниту добивал било каква инструкции од ВМРО-ДПМНЕ. Слично беше сведоштвотот и на Александар Пандаов.
Сведочеше и Валентина Петровска, која во 2017 година била претседател на Месен комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Автокоманда, која на прашање од одбраната рече дека не била контактирана од Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за организирање на членството од нејзиниот месен комитет за учество на протестит „За заедничка Македонија”.

Сведокот Тони Бојковски, кој во 2017 година бил претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ на Гази Баба, рече дека имале доста јавувања од членови за протестите „За заедничка Македонија” и дека ставот на ОК бил дека секој си оди сам по сопствено убедување.

Прашан дали бил контактиран од Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за организирање на членството за протестите, сведокот рече дека не бил контактиран.

На прашање од одбраната дали како претседател на ОК Гази Баба на состаноци го гледал Александар Василевски Нинџа, сведокот рече дека додека тој бил претседател го нема видено.

– Александар Василевски, додека јас бев претседател на ОК не присуствувал на состаноци. Немам информации дали бил член на партијата, рече Бојковски.

На прашање од Судот да појасни дали Василевски бил или не член на ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече дека не може да потврди дека бил член.

– Во списокот на членови не сум го видел, но даваше поддршка на членовите, неговото кафуле „Аристократ” е блиску до ОК и таму доаѓаа помлади членови на партијата, изјави сведокот Бојковски.

Сведокот Цветко Грозданов, кој од 2013 година бил член на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека до неговото заминување во 2020 година Спиро Ристовски немал никакви партиски функции.

Прашан за тоа дали членувал во некоја вибер група, со пратеници и функционери во која се комуницирало за протестите, рече дека сега секој може да отвори вибер група.

– Можеби сум бил ставен во некоја вибер група, но до мене не стигнале никакви информации за протестите. Ниту пак сум комуницирал со Спиро или Миле за тоа, рече сведокот Грозданов.

Како член на ЦК, сведокот рече дека, ниту еднаш и во ниту еден случај не е донесена никаква одлука за поддршка или учество на протестите на „За заедничка Македонија”.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.