Ниедна служба на Европската Комисија не е во можност да даде одговор кога западниот Балкан може да ја очекува ветената поддршка за вакцинација, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Портпаролските служби во Европската Комисија стојат на изјавата на претседателката Урсула фон дер Лајен, дадена за МИА пред две недели, дека „што поскоро“ треба да се остварат ветувањата за помош со вакцини за Северна Македонија и регионот.
Конфузијата и тензиите што владеат во ЕУ околу стратегијата со вакцинирањето очекувано се одразува на ветената помош за најблиското соседство како што е западниот Балкан.
И покрај сите повици на европската извршна власт за солидарност во ЕУ и со земјите надвор од ЕУ, за сега рокови нема.
Глобалниот механизам за помош на земјите со низок и среден приход, познат како Ковакс, не се очекува да стане оперативен пред летото. Свесна за овие пропусти, Европската Комисија неодамна излезе со иницијатива за “механизам за споделување на вакцини“, но ниту за овој механизам нема никакви јасни рокови.
Како што објаснуваат извори во Европската Комисија за МИА, кои бараат да не бидат именувани, земјите во ЕУ прво треба самите да добијат доволно масовни дози на вакцини за да можат да прифатат да ги споделат, донираат или препродадат.
Засега се чини дека за земјите вон ЕУ најдобра опција е да се обидуваат да склучат билатерални договори со земјите членки на Унијата, бидејќи некои од нив се поподготвени за споделување од други. Поради овие разлики во здравствените политики на земјите членки, Европската Комисија сѐ уште не може да ја координира иницијативата за споделување.
Секако земјите вон ЕУ можат и да склучат директни договори со фармацевтските компании, а ЕУ не може да им забрани ниту да ги набават кинеските или руските вакцини, иако овие вакцини не се авторизирани на ЕУ пазарот за сега.
Голем број земји вон ЕУ се вртат и кон Индија каде Здравствениот Институт произведува лиценцирани вакцини на АстраЗенека и им помага, меѓу другото, на африканските земји, на Бразил или пак Саудиска Арабија.
Извори во Европската Комисија велат дека институцијата се надева во наредниот период да создаде функционален механизам со единствена влезна точка и канал преку кој ќе можат да ги достават иницијалните дози, но малкумина веруваат дека ова ќе биде оперативно пред втората половина на 2021 година.
Во меѓувреме Европската Унија се соочува со внатрешна криза поради недоволно ефикасната стратегија за вакцинација во самите земји членки, пропусти во договорите со фармацевтските фирми и тензии со Ирска и Северна Ирска поради новопоставениот механизам за надзор на извозот. Овој механизам содржи ургентна клаузула која, доколку се активира, може да доведе до фактичка граница на ирскиот остров и со тоа длабока политичка криза во Ирска.