Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, денеска, оствари средба со Н.Е. Марија Виргина Мендес де Силва Пина, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Португалија, со седиште во Белград, Република Србија, која ја покрива и нашата земја.
Николоски изрази задоволство за прифатената покана за средба од страна на амбасадорката на Република Португалија и посака успех на Португалското претседателство со Советот на ЕУ. Претседателот Николоски на средбата изрази заложби нашата земја час поскоро да ги почне преговорите со ЕУ и сугерираше процесот да отпочне во рамки на Португалското претседателство со ЕУ односно во првите шест месеци на 2021 година.
Претседателот на Советот ја запозна амбасадорката со идејата за формирање на Националниот совет за евроинтеграции, надлежностите и клучните цели, инклузивниот карактер на неговиот состав, градењето и одржувањето на консензусот за членството во ЕУ. Изрази надеж за плодна соработка и побара поддршка за зајакнување на собраниските капацитети значајни за интегративниот процес.